Дали предвремени парламентарни избори ќе бидат услов за отворање на Уставот?

од Nikola Popovski
384 прегледи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа ја повика власта доколку сака уставни измени тогаш да се охрабри и да излезе на предвремени парламентарни избори за граѓаните да можат да одлучат, потенцирајќи дека поранешниот премиер Зоран Заев во 2020 година на изборите не излегол со понуда за да менува Устав за внесување на Бугарите.

„Ако сакате да менувате во Уставот, тогаш повелете излезете на избори, прашајте ги граѓаните, па тие нека одлучат. Така е во скандинавските земји, во Шведска е така, ако сакате да менувате устав, тогаш извинете излезете, па менувајте“, посочи тој.

Дел од политичките аналитичари сметаат дека промени на Уставот „не смеат да се случат и после изборите“. Ова го вели Самоил Малчески во разговор за „Локално“.

-Во овој момент сите анкети укажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ на следните предвремени избори ќе освои големо мнозинство во Парламентот. Потоа, сите оние кои во јавноста сега зборуваат за слаб коалициски потенцијал, тогаш ќе сфатат колку им била смешна и провидна пропагандата и дека таа ефтина пропаганда не поминува кај народот. Нас ни требаат предвремени избори за Македонија да излезе од бездната во која се наоѓаме веќе петта година заради тандемот СДСМ и ДУИ! Што се однесува до промените на Уставот, по мене тие и после изборите не смеат да се случат. Поданичко-предавничката политика на СДСМ мора да замине во историја и аргументирано да се спротиставиме на оваа налудничава политика која нашиот источен сосед ја води против Македонија, посочува тој во разговорот.

Околу тоа дали партиските условувањата го загрозуваат евроинтегративниот пат на земјава, Малчески вели дека суштината на проблемот е тоа што „Владата во своето незнаење и желба за владеење ја втурна Македонија во процес кој е надвор од Копенхашките критериуми и вредностите заради кои е основана ЕУ“.

-Критериумите се јасни и во нив не се вклучени билатерални прашања. Исто така и вредностите заради кои е основна ЕУ се дијаметрално спротивни од фашисоидната политика на нашиот источен сосед. Оттука, проблемот не го гледам во политичките партии, проблемот го гледам во некадарноста и неспособноста на Владата, наведува Малчески.

За активноста на партиите на терен, соговорникот вели дека е „повеќе од јасно дека на Македонија на пролет ја очекуваат предвремени парламентарни избори“.

-Колку и да негираат од СДСМ и да кажуваат дека редовни избори ќе има во 2024 година, очигледно е дека веќе на големо се спремаат за избори, кои согласно сегашната динамика ќе се случат на пролет. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, логични се потезите на Мицкоски, бидејќи активностите на партијата се димензионирани согласно барањата за предвремени избори. Но, тоа не важи за СДСМ кои и овој пат се дволични и неискрени кон граѓаните, нешто што е карактеристрика на нивното однесување сите овие години. Имено, од една страна говорат дека избори ќе има во 2024 година, а од друга страна на терен работат како да се во изборна кампања, прокоментира Малчески.

Политичкиот аналитичар и поранешен портпарол на Влада, Агим Јонуз смета отворањето на Уставот не зависи од избори.

-Отворањето на Уставот е политички потег кој што бара стабилна политичка ситуација за да можат да се донесат стабилни одлуки. Никој не може да си игра со Уставот бидејќи тоа не е шарена книга во која што може кој сака да пишува. Тоа бара зрелост затоа што сите консеквенции ќе ги доживуваме и трпиме ние. Нема никаква поврзаност меѓу избори и промени на Уставот. Тоа бара концентрација и напор за да се изведе на начин кој ќе донесе прогрес, а не уште поголеми замки и уште поголеми проблеми, вели Јонуз во разговор за „Локално“.

Според него, во моментов сите партии имаат сами со себе, бидејќи не постои партија во која нема превирања и која не е загрижена сериозно за својата положба во евентуални предвремени и редовни избори.

-Затоа сите купуваат и калкулираат. Се што се случува е купување време. Евроинтеграциските процеси воопшто не зависат од внатрешните ситуации на партиите, туку од кохерентноста и испорачаното во однос на тоа што Европа го бара од нас – отворање на Уставот и внесување на Бугарите за да продолжиме во скрининг процесот и нештата да бидат на свое место, оценува аналитичарот.

Јонуз смета дека активноста на партиите на терен е „перманентно одржување на бројноста и политичкото либидо на гласачкото тело“.

-Тоа што го прави Мицкоски во моментов е пребројување и анализа на теренот како стојат нештата, за да може да постави структура во која ќе може да смета на следни предвремени избори. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ без оглед какви ставови и чекори презема, во моментов стои добро на терен. Колку е тоа позитивно и конструктивно во однос на ситуацијата во државата е друга работа. Сметам дека Мицкоски има предност пред останатите, а тоа е стабилноста на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата јала нејала има 300.000 гласови, макар и магаре да ставиш. Меѓутоа играта не е во бројноста на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ, туку во слабоста на СДСМ. Владеачката партија има голема слабост, на удар на критики и има внатрешни превирања со таа скопска група која пермененто работи на менување на раководството на СДСМ, оценува Јонуз.

Тој наведува дека предвремени избори не решаваат никаков проблем.

-Било какви предвремени избори се купување време. И пред избори имаш кампања, предизборие, пост-изборие, 45 дена до формирање на Влада, што значи дека Македонија во моментов покрај целата бестрага во која се наоѓа, ќе изгуби драгоцени месеци кои се често на резултат на купување политичко време. На крај повторно ќе ја имаме истата ситуација – албанскиот фактор ќе условува. Тој е фактор на одлука со кого ќе коалицира и мислам дека беспредметна е дискусијата дали СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, заклучува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини