С. Македонија во иднина ќе размислува за регулирање на социјалните мрежи и нивното користење со цел унапредување на општеството. Ова денеска го истакна премиерот Димитар Ковачевски откако беше запрашан дали нашата земја размислува да ја блокира социјалната мрежа ТикТок, по безбедносните ризици на кои се изложуваат помладите корисници, откако викендов малолетничка од Илинден го изгуби животот од струен удар. Се повеќе земји во светов започнаа да ја регулираат социјалната мрежа, а истраги за безбедноста на оваа социјална мрежа се водат и во Велика Британија и Канада.
Ова лесно ја покренува темата за безбедноста на младите корисници, па оттаму се поставува прашањето дали земјава треба и смее да ја блокира социјалната мрежа ТикТок и дали ваквата суспензија би била погрешна и правилна? Според комуникологот и специјалист за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов институциите конечно треба почнат да дејствуваат во оваа сфера.
-Нешто за кое зборуваме веќе цела деценија. Проблем е што со години родителите се оставени сами да се снаоѓаат како знаат и умеат, без притоа надлежните институции да креираат политики и стратегии во овој дел. Бидејќи со поддршката на родителите да ги заштитат своите деца во интернет просторот придобивки има целото општество, вели Кордалов за „Локално“.
Тој додава дека неопходно е да се стават напред позитивните страни кои ги носат дигиталните платформи, да се вложи од страна на државата во квалитетни уреди и квалитетен интернет кој ќе биде достапен за секого, но и во лиценци за квалитетни содржини од домашно и странско производство.
-Почнувајќи од најмала возраст на децата, потоа во формалното образование, но и во периодот кога младите стекнуваат вештини и се подготвуваат за пазарот на труд. И уште нешто. Ако повторно зборуваме само за стратегии кои ќе бидат лични на хартија, но ништо од тоа нема да се примени, тогаш само ќе останеме да тапкаме во место. Институциите на централно и локално ниво мора да прифатат дека дигитализацијата го промени времето и тие најмалку треба да продолжат да седат во удобните канцеларии. Потребно е многу теренска работа и засукани ракави за да се решат напластените проблеми. А, секако треба да почнеме од децата, младите, образованието и здравството, порачува комуникологот.
За тоа дали Македонија треба да ги гледа примерите од други земји каде можеме да видиме забрана за користење на одредени социјални мрежи и платформи, Кордалов вели дека регулирањето на Интернетот е многу опасна игра.
-Всушност, таа ги дели денес државите дали се демократски или не. Но, кога зборуваме за регулација во согласност со демократските устави, загарантираните слободи и права, особено правото на мислење, став, изразување и слично, тогаш зборуваме за нешто сосема друго. Бидејќи вие да регулирате казнени одредби за некој кој навредува, шири говор на омраза или уценува е унапредување на системот и слободата која ја нуди интернетот. Но, да ограничите пристап до одредена социјална мрежа во целата држава или да забранувате дебата на аргументи е сосема спротивно, посочува соговорникот.
Според него, блокирање на социјални мрежи за одредени старосни групи е неостварливо, од едноставна причина, како што вели, што вие и денес имате забрана од дел од самите социјални мрежи за некреирање на профил до одредена возраст, па не би рекол дека во целост се почитува.
-Да ги земеме за пример Фејсбук и Инстаграм кои не дозволуваат креирање на корисничка сметка ако имате под 14 години. Која е реалната ситуација, речиси и да нема дете кое не користи одредена социјална мрежа. Значи дебатата треба да трае на оваа тема, решенија е потребно да се бараат, но дури и законските решенија во Европа кои се нудат не забрануваат да користите, туку предлагаат тоа да биде со поголема родителска контрола. Едноставно, мораме да ги вклучиме сите во овој процес, да дејствуваме заеднички и деца и родители, возрасни, образовни чинители, институции итн., барем ако сакаме да го направиме интернетот добро место и конфорен простор за сите, а особено за најмалите. Друг излез одговорно тврдам дека нема, бидејќи секој ден сѐ повеќе ќе се потпираме на дигиталните алатки, а со нив и социјалните мрежи и интернетот во целина, категоричен е Кордалов.
Со истото се согласува и професорот и комуниколог Сеад Џигал. Тој во разговор за „Локално“ вели дека искуствата и истражувањата покажуваат дека само регулацијата не е доволно ефикасна мерка.
-И во случај кога се блокираат некои апликации или сервиси, навиките и потребите на корисниците остануваат, така што најчесто се наоѓаат начини за заобиколување на забраните или се појавуваат понекогаш и повеќе нови алтернативи на блокираните сервиси. Препораките се против штетните последици во користењето на новите медиуми да се користи повеќестран приод, како што се ко-регулација, односно соработка со самите сервиси и граѓанските организации, континуирана формална и неформална едукација и прилагоден систем на санкции за прекршителите. Потребно е овие мерки внимателно да се носат за да не бидат злупотребени против загарантираните права и слободи на граѓаните и заедниците кои се дел од општеството. Новите технологии за комуницирање имаат многу недостатоци, но во напорите тие да се отстранат не треба да се поништат и нивните позитивни придобивки, порачува Џигал.
Истакнува дека интернетот и дигиталните платформи, како децентрализирани системи за комуницирање, ги надминуваат националните граници и многу е тешко да се изолираат или контролираат на ниво на држави или одредени територии, така што одлуките како најдобро да се постапува треба да се водат и да произлегуваат и од препораките и позитивните искуства на меѓународните организации, како што се ООН, ОБСЕ, УНИЦЕФ и други, а во нашиот случај како земја кандидатка за членство во ЕУ потребно е да ги прилагодуваме правните и системските решенија со оние на Унијата.
За соговорникот, клучен аспект е едукацијата, особено за младите корисници. Џигал потенцира дека медиумската писменост и едукацијата за новите медиуми мора да бидат присутни на сите нивоа на образовниот процес, во основното, средното и во високото образование.
-Вклученоста на граѓанските иницијативи и соработка со институциите на овој план треба да се олесни и да се стимулира. Влијанието на медиумите и врз општеството и самите поединци само ќе се засилува и видоизменува, така што потребно е на граѓаните и на родителите да им се овозможи системска и систематска поддршка и помош во правилната едукација, превенција и заштита на младите. Се работи за процес кој не може да се изведе преку ноќ, но што побргу започнеме со примена на вистински решенија поскоро ќе можеме да почувствуваме позитивни промени и резултати, вели комуникологот во својата анализа.
Н.П.