Американскиот претседател Доналд Трамп ги оправдува новите царини со тврдењето дека САД се жртва на „нелојална трговија“ и сега конечно „заработуваат богатство“ благодарение на увозните царини што ги воведе низ целиот свет, од Кина до Европа. Трамп денеска објави дека се уште ги суспендира царините на 90 дена, освен за Кина.
Колку има вистина во неговите тврдења? „BBC Verify“ анализираше неколку клучни изјави на американскиот претседател и откри дека многу едноставно не се издржани.
„Заработуваме богатство, две милијарди долари дневно“, рече Трамп во вторникот за неговата нова тарифна политика. Но, официјалните податоци не го потврдуваат тоа тврдење.
Министерството за финансии на САД секојдневно објавува колку пари федералната влада собира од царините. Според извештајот од 7 април, во кој се вклучени и приходите од претходно воведени царини, тој ден во државната каса влегле 215 милиони долари. Значи, повеќе од девет пати помалку отколку што тврди Трамп.
Можно е Трамп да се потпира на прогнозите за цела година. На пример, минатата година, САД увезуваа стоки во вредност од околу 9 милијарди долари дневно. Некои аналитичари пресметаа дека просечната царинска стапка, врз основа на мерките на Трамп до 2 април, е околу 22%. Ако таа стапка се примени на целиот увоз, таа навистина доаѓа до цифра од две милијарди долари дневно.
Но, ова е теоретска пресметка која не зема предвид како тарифите влијаат на обемот на трговијата кој може да се намали, што автоматски ги намалува приходите од царините. Бројката на Трамп може да дојде и од изјавата на неговиот советник Питер Наваро, кој на 6 април рече дека царините ќе носат 700 милијарди долари годишно. Кога таа сума ќе се подели со 365 дена, доаѓаме до дневната пресметка на Трамп. Но, аналитичарите ја нарекоа проценката на Наваро „нереално висока“.
„BBC Verify“ побара од Белата куќа докази за бројките на Трамп, но до пишувањето на текстот не беше добиен одговор.