Дали се надмина хаосот во Судскиот совет: „Нема волшебна формула, иако исправена е една лоша одлука“

од Nikola Popovski
486 прегледи

Сашко Георгиев поднесе оставка, Весна Дамева се врати на претседателското место во Судскиот совет. Двајцата се едногласни дека одлуките кои се потпишани од Георгиев треба да важат, бидејќи се изгласани од мнозинството на членовите. Тој вели дека немал никакви притисоци додека бил на функцијата, но се двоумел дали да прифати заради нарушените меѓучовечки односи во Судскиот совет. -Пресудата на Управниот суд е првиот чекор напред кој што влева надеж дека правдата е достижна. Очекувам дека ова ќе биде почетокот за враќањето на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива. Јас сум за вистината и правдата, без разлика за кого е и против кого е, кажа старо-новата претседателка Дамева која се врати на функцијата по пресудата на Управниот суд.

Дали се надмина хаосот во Судскиот совет?

Дел од експертите сметаат дека за жал, законот за Судски совет нема одговор што може да биде волшебна формула за да се надмине состојбата, со оглед дека не постојат ефикасни механизми за промена на составот и за прекин на мандат. Според адвокатот и поранешен член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски, во такви околности, единствено што останува е да се надеваме дека, последната одлука на Управниот суд ќе биде ресетирање на состојбите и да почне да се занимава со својата надлежност на вистински начин.

Драган Малиновски

Во краток разговор за „Локално“ вели дека не знае што би донело враќањето на Дамева на чело на Судскиот совет, но сепак посочува дека е добро што една лоша одлука е ставена вон сила, односно начинот на кој што беше разрешена Дамева беше скандалозен.

-Веројатно ќе се изродат некои поуки од тоа. Излезот или подобрувањето на состојбите треба да се бара внатре во ресурсите на постојниот Судскиот совет, оценува Малиновски.

Во однос на тоа дали одлуките донесени од изборот на Сашко Горгиев сега треба да бидат оспорени, адвокатот не мисли така, со оглед дека одлуките се носат со мнозинство гласови на Советот, без разлика кој е претседател.

-Бидејќи ако размислуваме поинаку и се проблематизираат одлуките, тоа може да отвори ново проблематично поглавје – избрани се судии, донесени се одлуки и така да може да се случи хаос. Не мислам дека ќе се оди на линија на оспорување на валидноста на одлуките, порачува соговорникот.

Очекува подобрување во 2024 година и, како што вели, конечно да излеземе од летаргијата, но не само во Судскиот совет, туку воопшто во поглед на владеењето на правото, бидејќи, според него, тоа што се случува во Советот, не е ниту почеток, ниту крај на приказната.

-Генерално ние имаме проблем со владеењето на правото, така да мора да се работи на овозможување на вистинско владеење на правото. Тоа не треба да го бараме само во рамките на правосудниот систем, туку и во рамки на носење на одлуки кај извршната власт, локалните самоуправи, секаде каде што имаме проблем каде што се носат одлуки, заклучува Малиновски.

Од друга страна, според универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, Судскиот совет може да донесе нова одлука и пак да ја разреши Дамева.

-Јас тврдам дека Судскиот совет може да го разреши претседателот на Советот со самото тоа што го бира. Инаку кој е претседател не влијае врз донесените одлуки, секако секој член има еден глас, порачува професорот во кратката изјава за „Локално“.

Како што објаснува реформи на Судскиот совет и Советот на Јавното обвинителство се неизбежни, но смета дека не би требало да се брза со тоа.

 

 

Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во април минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд. Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе бурни реакции во јавноста, пред се од страна на американската амбасадорка и холандскиот амбасадор во земјава кои беа поддржани и од Владата. Потоа беше испратена и Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судот.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање рече дека се согласува со оценката на амбасадорите кои рекоа дека според нив, Судскиот совет станал нелигитимно тело.

Н.П.

Слични содржини