Дали се остварливи најавите за повисоки плати и пензии?

од Vladimir Zorba
1,K прегледи

Најавите на Владата дека ќе продолжи растот и на платите и на пензиите, за дел од економските експерти се остварливи. Резервите кои сепак отворено ги преочуваат ги темелат на досегашната пракса. Институтот „Finance think“ својата внимателност ја поткрепува и на егзактен начин односно преку мерната рамка наречена економски компас, која утврдува колкав процент од владините ветувања се оствариле.

“Ветувањето за плата која ќе достигне околу 34,000 денари во 2024 година е во насока на остварување иако, истата рамка покажа дека 44% од 27- те ветувања во социо-економскиот домен се во спротивна насока на остварување од ветената”, изјави Благица Петрески од „Finance Think“ за „Локално“.

Од таму објаснуваат дека главната причина за порастот на просечната плата е релативно високиот номинален раст на просечната нето плата во кризните 2020 и 2021 година, а кој беше овозможен од субвенцијата на социјалните придонеси, од порастот на минималната плата , од изгубените работни места кои беа главно нископлатени и од порастот на платите во ИТ и секторот финансии.

„Порастот на платите треба да ги следи трошоците за живот, но исто така треба да е во линија со продуктивноста. На среден рок единствен одржлив раст на платите е преку зголемување на продуктивноста и мерки кои ќе ги адресираат тие проблеми“, посочува Петрески.

Во иста насока се и нивните очекувања во однос на најавите за раст на пензиите

„Зголемувањето на пензиите мора да биде во линија со порастот на цените и просечната плата. Тоа е законски регулирано, и треба да се почитува“, децидна е Петрески.

Според програмата на мандатарот Ковачевски која ќе се усвојува во сабота, фокусот на Владата е преку економските политики и мерки,растот на продуктивноста на трудот да достигне до 15 % со што како што пишува во неа, ќе се овозможи зголемување на нетоплатата за најмалку 13,4 % и зголемување на просечната плата за над 3.100 денари или за 50 евра повеќе на месечно ниво.

Крајната цел како што неодамна рече Ковачевски, е до крајот на мандатот просечната плата да изнесува 34.000 денари а пензиите секој јануари и секој јули во годината да растат помеѓу 400 и 600 денари.

К.В.С.

Слични содржини