Синдикатот за образование наука и култура е една од најголемите синдикални организации во Македонија. Самиот претседател на Синдикатот Јаким Неделков во септември минатата година во писмо до членовите на СОНК вели дека овој синдикат брои околу 28.000 членови. Овие 28.000 членови секој месец уплаќаат, односно директно од платата им се одбиваат 0,4 проценти од месечните примања кои завршуваат во Синдикалниот фонд кој како што е наведено во објава на веб страницата на СОНК „е формиран со цел на членовите на СОНК кои се наоѓаат во социјални тешкотии и проблеми да им овозможи материјална помош.“
Ако ги земеме официјалните податоци кои покажуваат дека просечната плата на наставнциите во основното и средното образование изнесува околу 25.000 денари, тогаш 0.4 отсто од платата изнесува околу 120 денари или речиси две евра. 28.000 членови секој месец уплаќаат по две евра на сметката на СОНК. Математиката вели дека тоа се околу 56.000 евра месечно. Помножена по 12 месеци се добива сума од над 670.000 евра годишно.
Тоа се средства еднакви на годишен буџет на една рурална општина како Чашка, Липково или Вевчани на пример, па оттука логично се поставува прашањето каде завршуваат овие средства секоја година?
Како што наведува СОНК овие средства се користат за финансика помош за членовите при што се наведени одредени критериуми за добивање на средства.
На ова секако треба да се додадат и оперативните трошоци како што се плати и придонеси за вработените и режиските трошоци, но дури и тогаш останува огромен износ на средства на годишно ниво за кои не се знае каде завршуваат.
Синдикатите во Македонија се уште функционираат како здруженија на граѓани па затоа и немаат обврска да даваат отчет пред јавноста за нивните финансии, но во ситуација кога членовите на СОНК штрајкуваат, а според Законот нема да имаат право на исплата на плата за периодот додека се во штрајк, оправдано е прашањето дали СОНК како организатор на штрајкот финаниски ќе ги помогне своите членови во ваква ситуација?