Дали Србија е во опасност да остане без нафта, Мицкоски: Не сме акционерско друштво за да снабдуваме земји од регионот

„На Влада помина ценовникот, така што очекувам оваа година продуктоводот да биде ставен во функција, а потоа компаниите, доколку најдат интерес, да си преземат што е нивна работа“, рече Мицкоски

од Nikola Popovski
8 прегледи

Запрашан за состојбата во Србија и проблемите со нивната нафтена индустрија и дали би можеле да го снабдуваме јужниот дел од северниот сосед со деривати, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ја разгледуваат секоја можност, но истакна дека „не се акционерско друштво за да ја снабдуваме јужна Србија или другите земји во регионот“.

-Тоа го прават приватни компании кои што водат бизнис. Ние како држава ги спроведуваме сите чекори за да тој продуктовод кој што долги години беше уништуван, да биде ставен во функција. Испитувањата мислам дека се при крај и треба да почнат пробите на притисок. На Влада помина ценовникот, така што очекувам оваа година продуктоводот да биде ставен во функција, а потоа компаниите, доколку најдат интерес, да си преземат што е нивна работа, рече денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера изјави дека доколку НИС не ја добие американската лиценца до крајот на денешниот ден, земјата ја очекуваат „тешки денови“. Според него, тоа би значело целосно запирање на работата на рафинеријата, а од понеделник ниту една банка не би работела со компанијата. Вучиќ процени дека шансите за добивање на лиценцата се 40%, а 60% дека Вашингтон ќе даде негативен одговор.

Информациите дека нафтоводот или по ново продуктоводот Солун – Скопје повторно, по 13 години ќе биде вратен во функција излегоа во јавноста кон крајот на 2023 година. Пресметките се дека од кога ќе биде ставен во функција овој продуктовод преку кој од Грција ќе се дистрибуира дизел гориво во земјава, цената на тоа гориво драстично ќе се намали за крајните потрошувачи поради намалување на цената за транспорт.