Дали станувате поздрави кога губите тежина?

од Stefanija Kuzmanovska
384 прегледи

Иако вишокот килограми им пречи на повеќето луѓе најмногу од естетски причини, сите знаеме колку сериозната дебелина може да има сериозни здравствени последици.

Токму затоа речиси сите нутриционисти и лекари укажуваат на важноста од губење на вишокот килограми на здрав и контролиран начин. Многу истражувања покажаа дека со ослободување од само неколку килограми вишок, може значително да го подобрите квалитетот на животот и целокупното здравје, но и да го намалите ризикот од многу болести.

Сега експертите дошле до интересниот податок дека постои опасност за послабите луѓе кои се обидуваат да ослабат неколку килограми, додека кај подебелите луѓе има само позитивни ефекти.

Според најновите истражувања, слабеењето е многу покорисно за луѓето со прекумерна тежина во споредба со оние кои се веќе слаби.

Придобивки од губење на вишокот килограми

Студија објавена во списанието PLOS Medicine ги проценуваше стратегиите за слабеење и нивните здравствени ефекти кај речиси 200.000 луѓе и откри дека дебелите луѓе кои изгубиле тежина имаат значително помал ризик од многу болести, вклучително и дијабетес тип 2.

Меѓутоа, кога слабите луѓе се обидувале да ослабат, нивниот ризик од дијабетес тип 2 се зголемувал.

Од луѓето кои изгубиле најмалку 4,5 килограми, експертите откриле дека сите методи за слабеење биле поврзани со помало зголемување на телесната тежина и помал ризик од дијабетес кај оние кои биле дебели на почетокот, но вежбањето било најефективно.

„Примарната детерминанта на успехот во постигнувањето и одржувањето на губење на тежината е човечката способност за вежбање. Оваа студија и многу други уште еднаш го поддржуваат овој факт“, вели д-р Дејвид Пролого.

Нутриционистот Дејна Елис Ханс верува дека „ако сте со прекумерна тежина или дебели, дури и умереното слабеење покажува значителни подобрувања во целокупното здравје и намален ризик од многу болести“.

Како експертите го објаснуваат тоа?

Слабите луѓе кои вежбале за да ослабат имале девет отсто поголем ризик од дијабетес, а испитаниците кои земале средства за потиснување на апетитот или следеле програма за слабеење за да изгубат тежина имале 54 отсто поголем ризик од дијабетес.

Дури и експертите признале дека оваа информација најмногу ги изненадила и ја објаснуваат на следниот начин.

Ако веќе сте слаби, обидот да изгубите тежина всушност може да има негативни ефекти врз вашиот метаболизам, менталното здравје, а можеби и целокупното здравје, бидејќи ја зголемувате веројатноста да бидете гладни и да јадете повеќе, па може да се здебелите.  Луѓето кои се веќе слаби треба да се занимаваат со активности за одржување на тежината, препорачуваат експертите.

Слични содржини