Бил Гејтс сака супербогатите луѓе да плаќаат повисоки даноци, а сега се поголем број милијардери се согласуваат со него. На неговата годишна сесија „Прашај ме било што“ на Редит, коосновачот на „Мајкрософт“ рече дека е изненаден што даноците не се повисоки за богатите.
На оваа тема Бил Гејтс зборуваше и на Светскиот економски форум во Давос. Тој рече дека најбогатите нации треба да донираат повеќе пари за земјите во развој за да помогнат во намалувањето на нееднаквоста.
„Оние кои имаат најмногу – било да се тоа држави, корпорации или поединци – треба да се охрабрат да бидат подарежливи“, рече тој.
Како што пишува Business Insider, со него се согласуваат и други супербогати луѓе бидејќи повеќе од 250 од нив потпишале отворено писмо во кое ги повикуваат глобалните лидери да воведат данок на богатство.
„Нашето барање е едноставно: Ве молиме да нè оданочете нас, најбогатите во општеството“, се вели во писмото. Покрај тоа, беше наведено дека оданочувањето на богатите нема да им наштети на нивните деца, ниту суштински ќе го промени нивниот животен стандард.
Доколку избраните претставници на водечките светски економии не преземат чекори за справување со драматичното зголемување на економската нееднаквост, последиците за општеството ќе бидат катастрофални.