Надзорниот одбор на „Фејсбук“ објави дека во среда ќе ја донесе долгоочекуваната одлука за судбината на профилите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи на компанијата.
Се наведува дека одборот на „Фејсбук“ добил повеќе од 9.000 јавни одговори во врска со суспендирањето на сметката на Доналд Трамп на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм на неопределено време.
Профилот на Трамп на Фејсбук беше суспендиран откако демонстранти упадна во зградата на Конгресот во Вашингтон на 6 јануари, а конечната одлука беше пренесена на надзорниот одбор, кој е независно тело и може да ги менува одлуките во врска со профилите на социјалните мрежи.
Трамп беше суспендиран од Фејсбук и Инстаграм на „неопределено време“ ден по упадот на неговите приврзаници во Конгресот кои сакаа да го променат изборниот резултат, пренесува Си-Ен-Ен. Слични чекори презедоа и Твитер и Јутјуб поради, како што наведоа, ризик од поттикнување насилство.