Застојот во развојот на вакцината на Оксфорд против коронавирус поради негативната реакција на волонтер предизвика стравувања дека решението за кризата предизвикана од епидемијата на Ковид 19 ќе биде одложено.
Портпаролот на компанијата „Астразенека“, која работи со тим научници од Оксфорд на развој на вакцината во која Западот има најголеми надежи, вели дека паузата е „рутинска“ работа.
Проблемот, пишува „Гардијан“, е што деталите за „потенцијално необјаснетата болест“ на еден од волонтерите не се многу јасни.
Што се случило?
Британско-шведската компанија „Астразенека“ потврди дека еден од нивните волонтери развил необјаснета болест. Компанијата во моментов одлучи да го запре понатамошното тестирање низ Велика Британија, Бразил и Јужна Африка со учество на 17.000 луѓе.
Вакцината во моментов е во третата, последна фаза на тестирање и досегашните искуства покажаа дека волонтерите добро реагираа на истата.
Детали за мистериозната болест не се објавени, но „Њујорк тајмс“ објави дека еден од доброволците развил попречен миелитис – воспаление на ‘рбетниот мозок. „Астразенека“ не ги коментираше овие извештаи.
Што значи тоа за вакцината? Колку долго ќе биде запрено тестирањето?
Иако третирањето е паузирано, независниот комитет ќе ги разгледа и проучи безбедносните податоци за да утврди дали болеста на волонтерот е поврзана со вакцината или нема никаква врска со лекот кој го развиваат.
Ако се покаже дека болеста е изолирана и нема никаква врска со вакцината, тоа значи дека паузата може да трае од една недела до еден месец, изјави за „Гардијан“ професорот за вакцинација од Универзитетот во Сиднеј, Роберт Буј.
„Астразенека“ наведува дека паузите во тестирањето се рутинска појава, а ова е, потсетува Би-Би-Си, втора пауза на работата на оваа вакцина од почетокот на тестирањето во април.
Буј вели дека паузата била „ветувачка“ бидејќи тоа е показател за сериозен и ригорозен пристап кон вакцината и доказ дека производителите се „супер внимателни“.
Тестирањето сигурно ќе се продолжи и Буј верува дека „Астразенека“ сепак ќе успее да ја испорача првата доза на вакцини на почетокот на 2021 година. Во случај болеста сепак да е поврзана со вакцината, вакцината ќе биде отфрлена.
Експертите потсетуваат дека нема причина за паника бидејќи вакцината на Оксфорд е една од шестте кои се наоѓаат во третата фаза на тестирање.
„Многу паметни луѓе сега работат на оваа вакцина“, рече Буј, кој е оптимист дека една од шесте вакцини ќе достигне до општата популација на почетокот на следната година.