Дали вечерва ќе се повторат инцидентите од Куманово? Газдата на Шкендија: Да не дозволиме говор на омраза, тоа не е дел од нашата култура

од Nikola Popovski
438 прегледи

Сопственикот на Шкендија, Лазим Дестани, во пресрет на вечерашниот меч од квалификациите во Лигата на Шампионите меѓу Шкендија и Карабах, на своите социјални мрежи испрати порака до јавноста, но и до фановите на нашиот шампион. Тој повика на фер и спортско навивање, без употреба на националистички и ксенофобични пораки.

„Со голема посветеност и фокус, нашиот клуб се движи напред кон нови цели и кон достигнувањата што ги заслужуваме. Нашата цел е успех и патот до Лигата на шампионите. Денес сите ќе бидеме на трибините на стадионот, ќе ги пееме нашите победнички песни и ќе ги охрабруваме нашите играчи и персонал, бидејќи тие го заслужуваат ова“, порачува Дестани.

Тој испрати јасна порака дека треба да се покаже спортска култура и никако да не се дозволи говор на омраза.

„Да не дозволиме говор на омраза во ниту една форма, затоа што тоа не нè претставува и не е дел од нашата култура. Ние, публиката и навивачите на Шкендија, како 12-ти играч, сме пример покажувајќи го нашиот висок стандард и достоинствено претставувајќи ја нашата љубов кон клубот. Ајде кон победата! Шкендија над сè“, стои во пораката на газдата на Шкендија, објавена на официјалниот профил на клубот на социјалните мрежи.

Ваквиот апел на Дестани следува по навредливите антиалбански скандирања кои беа испратени во саботата од помала група на навивачи од салата во Куманово, на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Кумановската полиција по наредба на Обвинителството, со неколку осомничени лица изврши службен разговор. Во координација со јавен обвинител, информираат оттаму, ќе се преземат законски мерки против вклучените, вклучително и кривични постапки. Се обезбедуваат и снимки од видеонадзорот, откако ОЈО Куманово даде насоки за испитување елементи на кривично дело, по скандирање со говор на омраза.

Македонската кошаркарска федерација и Општина Куманово, како организатори на настанот, го осудија непримерното скандирање. Изразија жалење потенцирајќи дека неспортските терени нема и не смее да има место за ширење на национализам и меѓуетничка нетрпеливост. И премиерот Христијан Мицкоски со осуда за ксенофобичното и националистичко навивање, кое рече ќе биде предмет на истрага и санкција.