ДАЛИ ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ НИ ГИ ЗЕМЕ РАБОТНИТЕ МЕСТА? „Се отворија многу нови за кои не знаевме дека ќе бидат потребни“

од Nikola Popovski
454 прегледи

Откако вештачката интелигенција (AI) ChatGPT го освои светот со своите импресивни способности, фокусот е префрлен на Google, односно како технолошкиот гигант ќе одговори на очигледниот конкурент. Затоа пред неколку дена Google воведе нов чет-бот наречен Bard, како конкурент на AI. Извршниот директор на Google и матичната компанија Alphabet, Сундар Пичаи, тогаш рече дека Bard е достапен само за некои поединци кои го тестираат и дека ќе биде понуден на јавноста во наредните недели. „Bard се стреми да го комбинира знаењето со интелигенцијата и креативноста на нашите големи јазични модели. Се потпира на информации од веб за да обезбеди висококвалитетни одговори“, рече Пичаи пред неколку дена.

Главното прашање е дали со ова се менува Интернетот? Дали Bard и ChatGPT се иднина на пребарувањето. ИТ експертот Цветан Џиковски во разговор за „Локално“ вели дека од искуство знае за многу технологии кои требаше да бидат “the next big thing”, па ништо од тоа не бидна.

-Од друга страна па, во 1995, Роберт Меткалф за магазинот InfoWorld, има изјавено дека Интернетот за неколку месеци до година ќе имплодира и нема повеќе да се користи.  Еве и сами све сведоци дали бил во право. Затоа не би сакал да давам грандиозни изјави како многу други од ИТ сферата, дека ова е (или не е) технологијата која што ќе биде “the next big thing”, ни вели Џиковски.

Според него, навистина е импресивно тоа што ChatGPTv3 може да го направи.

-Следната верзија 4, треба да е уште подобра. Па според тоа прикажано до сега, делува дека Интернетот наскоро ќе изгледа поразлично од сега. Интересот за двете моментално е огромен. Очекувањата се огромни. Дали се тоа навистина ќе биде така, останува само времето да ни покаже, порачува ИТ експертот.

Околу тоа какво ќе биде влијанието на вештачката интелигенција генерално врз работните места во иднината, Џиковски смета дека ако се исполнат предвидувањата околу вештачката интелигенција, многу од моменталните работни места ќе згаснат и ќе бидат заменети од вештачката интелигенција.

-Но пред да почнете да паничите, „леле што ќе правиме, ќе останеме без работа“, земете во предвид дека и со индустриската револуција, струјата, роботизацијата во фабриките,….се затворија многу работни позиции, но од друга страна се отворија многу нови за кои не знаевме дека ќе бидат потребни, информира соговорникот.

Откако Bard веќе „падна“ на прашање од основно училиште за телескопот Џејмс Веб што ги чинеше Google над 150 милијарди евра, Џиковски е дециден дека се уште не можеме целосно да се потпреме на вештачката интелигенција и апликациите од ваков тип.

-Технологијата е во премногу рана фаза за да можеме без резерва да се потпреме на нив. Како и со секоја нова технологија, така и со оваа мораме да бидеме внимателни. Иначе, примерот со Bard е под лупа затоа што тоа се случи на првото негово јавно претставување. И ChatGPT редовно промашува доста основни прашања. Ова само ни укажува дека има уште доста за усовршување. Но колку повеќе ќе пенетрира технологијата, толку подобра ќе станува, оценува ИТ експертот.

За тоа колку е далеку Македонија од можноста да извлече вистинска корист од AI, Џиковски порачува дека се зависи и од самите индивидуи и фирми за тоа колку се спремни на користење на (било која) нова технологија.

-Како што знаеме, се уште имаме фирми (и индивидуи) кои користат Windows XP, а од друга страна имаме и фирми кои ги користат најновите технолошки достигнувања. Јас лично познавам многу луѓе кои веќе го користат ChatGPT во секојдневните активности. Така што се надевам дека многу брзо ќе можеме да извлечеме вистинска корист, вели експертот и додава дека познава компании од земјава кои веќе користат вештачка интелигенција во своето работење.

-А1 веќе неколку години користат чет бот (Славчо), кој е базиран на вештачка инелигенција. Далеку е можностите на ChatGPT и Bard, ама сепак, доволно е добар за нивните потреби.

Н.П.

Фото: Profimedia

Слични содржини