Експертите истражуваат начини на кои вештачката интелигенција (ВИ) може да ни подари некаква дигитална бесмртност, зачувувајќи ги личностите на починатите во виртуелниот свет и дозволувајќи им да се развиваат.
Замислете дека Абрахам Линколн сè уште може да се обрати на Конгресот денес или дека сè уште можете да ги слушате во живо советите на вашата прабаба или нејзините приказни од нејзино време.
Бројни стартапи предвидуваат зголемена побарувачка за дигитални индивидуи, кои веќе се присутни на пазарот, како што е „Replika“, апликација која учи да реплицира личност во форма на чат-бот или „HereAfter AI“ која ги доловува животните приказни на луѓето и ги користи за создавање аудио реплики. Чат-бот е компјутерска програма (бот) која автоматизира одредени задачи, обично по пат на разговор со корисник.
ВИ е клучен фактор
Microsoft Corp. неодамна патентираше метод на користење чат-ботови за зачувување на историски личности и живи луѓе, но портпаролот на компанијата изјави дека засега не планираат да го користат.
Дигиталните луѓе можат да имаат различни форми, од чет-ботови и аниматронски роботи до подвижни проекции кои гестикулираат и зборуваат како вистински луѓе. Вештачката интелигенција (ВИ) обично е клучен фактор во нивното градење и овозможување на нивна интеракција со луѓето, пишува „Волстрит журнал“.
Според патентот на Microsoft, чет-бот користи податоци од социјални медиуми, гласовни снимки и записи „за да му овозможи на чат-бот да зборува и да комуницира во рамките на карактерот на една личност“. Таа личност, наведува патентот, „може да одговара на минатиот или сегашен ентитет (или неговата верзија), како што е нашиот пријател, роднина, познаник, славна личност, измислен лик, историска личност“. Патентот понатаму опишува дека чат-бот може да го имитира гласот на една личност и да комуницира користејќи дводимензионални или тродимензионални слики „за да создаде пореален разговор“.
Дигитална бесмртност
Како што се развиваат дигиталните луѓе, тие можат да почнат да учат и да се развиваат надвор од времето на смртта на оригиналот, прилагодувајќи се на новите настани. Ова ќе им даде еден вид дигитална бесмртност – што не само што би го зачувало карактерот на една личност, туку ќе им овозможи да продолжат да живеат и да се развиваат во виртуелна форма.
Технологијата преку филмови и фотографии веќе подолго време ни овозможува да ги сочуваме спомените за луѓето дури и по нивната смрт. Но, со нови алатки, доаѓаме до интерактивни решенија, вклучувајќи меморирани мрежни сметки, гласовни ботови, па дури и хуманоидни роботи. Таквите „бесмртни“ лица може да продолжат да комуницираат со своите семејства, пријатели и потомци долго по смртта и да информираат за историски и генеалошки истражувања. Тие можеа да се користат и во вселенските бродови за да издржат долги патувања.
Постоечките луѓе би можеле да ги користат своите дигитални реплики преку е-пошта за да завршат повеќе работа или да земат дел од товарот додека се на одмор.
Сè има своја лоша страна
Како и кај многуте научно-фантастични визии за иднината, има и лоши страни на концептот на виртуелен и бесмртен идентитет.
Виртуелните лица се фундаментално несовршени затоа што обично се засноваат на фрагменти од личноста; како што се нашиот говор, пишувања, објави на социјалните мрежи и други фактори кои не мора да ја пренесуваат суштината на самата личност. Дополнително, дигиталната личност конструирана преку ВИ нема свест.
Општеството еден ден можеби ќе мора да се бори со проблеми како – кој е сопственик на аватар на мртва личност и приход што тој може да го оствари. Ќе се постави и прашањето дали виртуелните лица треба да имаат некои свои права? И, дали нивното постоење значи дека луѓето не можат целосно да жалат за загубата на пријатели и роднини?
Дигиталните лица исто така можат да бидат креирани без знаење или дозвола на оригиналната личност, под услов да има доволно податоци во јавниот домен за да се создаде ВИ модел што го имитира. Историските фигури можат да воскреснат, сакале или не.
Прашање на далечна иднина?
Добрите реплики на познати личности или политичари може да имаат влијание врз идните социјални настани, но веројатно ќе треба долго време за вистински уверливи дигитални луѓе да излезат на сцената.
Експертот за образование Маги Савин-Баден од Универзитетот во Ворчестер минатата година направи своја анимирана глава во чет-бот. Таа ги замоли луѓето од нејзиното професионално опкружување, кои не ја познаваа лично, да комуницираат прво со нејзината реплика, а потоа и со неа. Но, многумина веднаш ги видоа недостатоците во дигиталната личност.
„Тие рекоа дека некои делови личат на мене, додека други се сосема различни“, рече Савин-Баден.