Дали ВМРО-ДПМНЕ креира дополнителна криза во ЈСП со цел негова приватизација?

од Nikola Popovski
136 прегледи

Кадарот на шефот на ВМРО ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки Маре Богева креира криза во ЈСП Скопје за гориво -вака вчера порачаа од Град Скопје преку соопштение, префрлувајќи ја одговорноста за катастрофалната ситуација со јавниот градски превоз. Според Кабинетот на Данела Арсовска, Богоева ја поништила редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио.

-Во исто време и со истото смислено сценарио приватните превозници, кои скоро воопшто не сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за зголемување на цената по која возат, денес менуваат изјава дека не им биле верификувани извештаи за возење, а кој ќе им ги верификува кога не возат, наведуваат од Град Скопје. Од градската администрација велат дека во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација.

Јавниот превоз и утрово е редуциран и преполовен поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП Скопје. Возеа само дел од двокатните автобуси кои се движат на нафта. Голем број од граѓаните долго чекаа на автобуските станици, со оглед дека дел од автобусите кога ќе пристигнеа беа преполни со луѓе. Голем дел од граѓаните тргнаа и пешки кон своите работни места.

Последниот развој на настаните следува откако ЈСП Скопје не добило нафта за останатите автобуси од фирмата добавувач „Пуцко петрол“ оти има долг.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески информираше дека Советот денеска ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. Според него, Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалничката Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на Град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена.

Во август месец се договорија да се договорат, ама не се големи оптимисти. Ова беше епилогот од средбата на градоначалничката Арсовска со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински на која се разговараше за решавање на проблемите на Градот Скопје.

На состанокот констатирале дека немањето комуникација меѓу советничките групи во Советот на Град Скопје е голем дел од проблемот. Разговарале за состојбата во јавните претпријатија Комунална хигиена и ЈСП, каде што состојбата е најкритична. Ова беше прва средба меѓу Арсовска и Мицкоски по расколот во 2022 година.

До средбата дојде откако премиерот им даде „разумен рок на Арсовска и претпријатијата да почнат со работа“, а таа предложи формирање на посебно координативно тело со Владата за скопјани да добијат град „каков што заедно во 2021 година ветија градоначалничката и актуелниот премиер“.

Во меѓувреме, скопјани веќе неколку дена алармираат за проблеми со електронската наплата во автобусите на ЈСП. Според нив, апликацијата за плаќање на билет преку мобилен телефон наплатува повеќе пати за едно возење или дури наплаќа кога корисникот не се возел.

„Имав 420 денари на електронскиот паричник, а за две возења ми наплатија 202 денари. Или мислат дека не проверуваме, или системот не функционира,“ се пожали еден корисник.

(ФОТО) ЈСП им ги цеди сметките на скопјани: „Патував еднаш, ми наплатија пет пати“

Граѓаните на Град Скопје се уште ги чекаат шестте автобуси кои се донација од Организација на обединетите нации за јавни услуги. Оваа точка беше изгласана на една од последните седници на Советот на Град Скопје со над 30 гласови.

„Локално“ уште претходно објави за новите валидатори дека се подготвува промена во сите автобуси на ЈСП Скопје, односно нов систем за наплата на карти. Фирма од Бугарија е предвидено да биде новиот снабдувач, неофицијално дозна „Локално“ од свои извори и објави.

Град Скопје набавува нови валидатори за старите и дотраени автобуси?

МОН две години не плаќа за бесплатниот превоз на студентите, за секој извозен километар се прави трошок од два денари, а приход од еден денар – ова го покажа извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на ЈСП.

Ревизорот утврди и дека се намалува бројот на патници во градскиот превоз.

ДЗР: ЈСП Скопје не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги

Неодамна, министерот Перински изјави дека „навистина е мизерно една метропола да се доведе во ситуација да пука по сите шавови“.

-Градскиот превоз е еден од нив, но тука е проблемот и со отпадот, со зеленилото, проблеми има и во Дрисла. Жал ми е што сме доведени во ваква ситуација, Град Скопје да не може сам да си ги сервисира обврските. Ова е проблем за кој подолго време говоревме. Загрижен сум дека обврските на Град Скопје кон добавувачи се некаде околу 8 милиони евра. Неофицијалните информации ми потврдуваат дека „Водовод и канализација“ должи околу 15 милиони евра, „Комунална хигиена“ околу 6 милиони евра, „Улици и патишта“ околу 3,5-4 милиони евра, за „ЈСП Скопје“ нема жив човек на светот кој што може да го пресмета долгот. Следната година ќе треба системски да работиме за градот нормално да профункционира и да почнеме од нула, одговори Перински на новинарско прашање на трибината „Платформа: 100% посветени за тебе – „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“.

„Жителите на Скопје продолжуваат да се соочуваат со сериозни проблеми во јавниот превоз, а решавањето на ситуацијата, како што велат надлежните, ќе почека до следните локални избори“. Ова прашање пред неколку дена беше коментирано од страна на вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, како и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, по посетата на седиштето на ЗЕЛС.

Николоски призна дека јавниот превоз во Скопје е далеку од посакуваното ниво и дека проблемите се сериозни, но исто така нагласи дека секој носи своја одговорност за состојбата. Според него, за време на претходните измени на законските прописи, било направено неодговорно поставување на градоначалниците, што довело до овие резултати.

Од друга страна, Ѓорѓиевски, изрази разочараност од недостатокот на сериозност во интервенирањето на Градот Скопје. Според него, постојано се бараат изговори, а вистинскиот проблем е неспособноста да се управува со јавниот превоз.

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за јавниот превоз во главниот град. Арсовска тогаш обвини дека ги фатила „директорчињата на Мицкоски со рачињата во медот“, но не спомена конкретни имиња.

Следните локални избори, на кои скопјани ќе гласаат за нов состав на Советот на Град Скопје и за градоначалник треба да се одржат во октомври 2025 година.

Слични содржини