Дали за 120.000 евра санација на Хирургија која не е направена е колабиран цел здравствен систем, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
514 прегледи

Дали за 120.000 евра санација на Клиниката за Хирургија која не е направена е колабиран цел здравствен систем, прашуваат утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата бараат министерот за здравство Илир Демири и заменичката Маја Манолева да кажат „дали затоа што на време не направиле санација од 120.000 евра сега се блокирани 12 оддели на Хирургија и цел здравствен систем е во хаос“.

-Зошто милиони се одвојуваа за матни тендери, се местеа провизии за вакцини од десетици милиони евра, се крадеше на терапии за рак, а не се најдоа 120.000 евра за санација на Хирургија? Како е можно СДС и ДУИ да имаа пари за секакви матни зделки и тендери, а да немаа 120.000 евра за санација на проблемот на Хирургија?, стои во партиското соопштение, најавувајќи дека ќе има одговорност за хаосот на Хирургија.

Заменик-министерката за здравство Манолева извести дека на состанок со директорите на Клиниките се договориле да почнат со работа сите хируршки клиники во Клинички. Во операциските сали да се користат надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух.

Манолева ќе побара од Владата да ја задолжи јавната установа заеднички служби за потребите на здравството да изврши итна набавка и промена на локацијата на компресорската станица на Клинички центар.

Хируршките сали во Клинички центар во изминатите денови се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис кој се ширел во нив.

Од Министерството за здравство до Обвинителството стигнало известување дека имало проблеми со функционирањето на вентилацискиот систем во хируршките сали.

Од Обвинителството, пак, известија дека предметот е распореден кај обвинител, кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело, односно дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.

Слични содржини