Дендијас во Македонија ќе допатува преку автопат со патни табли на кои пишува Скопиа

од desk4
456 прегледи

Во пресрет на утрешната посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас на Македонија, познавачите на македонско – грчките односи за „Локално“ велат дека станува збор за редовна средба на која двете страни, македонската и грчката ќе разговараат околу напредокот во реализацијата на договореното на 19 страници од Преспанскиот договор.
Според нашиот соговорник средбата е во рамките на Договорот меѓу Скопје и Атина, затоа што со него, на годишно ниво се предвидени неколку средби  меѓу министрите за надворешни работи, а најмалку една меѓу премиерите на двете држави. Предвидени се и средби меѓу економските комитети.

-Преспанскиот договор е жива материја, и утре само ќе се констатира што е исполнето, а што не е. Но, и двете страни знаат дека спроведувањето на она што е договорено зависи од многу фактори. Евентуално би можело да стане збор за тоа како поуспешно да се спроведат одредбите,  економски, образовни и културни од Договорот потпишан пред околу три години во Нивици, вели нашиот соговорник.

Неофицијално, се очекува на утрешните средби да се отворат прашањата за употреба на името Република Северна Македонија од организации и институции кои не се државни. Неодамна за време на Европското првенство во фудбал Грција реагираше за името на Фудбалската федерација на Македонија, која одби во своето име да ја стави придавката „северна“. Според Договорот од Преспа приватните ентитети кои добиваат пари од државата за активности надвор од државата, треба да го содржат новото уставно име.

Од друга страна, пак, се очекува македонската страна да реагира за трите договори кои по цели три години не се ратификувани во грчкиот парламент, а произлегуваат од Договорот со Грција. Станува збор за Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандум за формирање Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје.

Меѓу обврските кои се исполнети пак, од македонска страна се замена на знаците и на таблите на кои пишуваше Република Македонија, отстранување на симболот со сонцето од Вергина, како и поставување на табли на спомениците со појаснување дека „упатуваат на античката елинска историја и цивилизација“. Исто така со Законот за лични карти во тек е промена на личните документи со новото уставно име.

Грција пак, согласно Преспанскиот договор не треба да приговара на барањата за членството на земјава под името Република Северна Македонија во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции, во кои членуваат.

Според Договорот, грчката страна не го испочитува и договореното околу промената на патните табли на кои требаше да пишува Република Северна Македонија. И по три години на истите пишува Скопиа.

Она што Договорот од Преспа кој е потпишан на 17 јуни 2018 година го прави специфичен е тоа што Македонија и Грција го надминаа 30 деценискиот спор за името, по што Македонија стана Република Северна Македонија, а Грција го ратификуваше договорот за членство во НАТО и нашата земја од март минатата година стана членка на НАТО.

Посетата на Дендијас, доаѓа во пресрет на одржувањето на вонредниот Самит кој треба да се одржи  во втората половина на октомври, за време на словенечкото претседателство со ЕУ. Според неодамнешните најави се планира тој да биде посветен на Западен Балкан, односно на проширување на Унијата со земјите од регионот.

Премиерот Зоран Заев и на денешниот Европски форум Алпбах, рече дека ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија и што поскоро треба да ги започне преговорите за членство.

-Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања коишто беа отворени по неколку децении, како што беше Договорот од Преспа со Грција, или Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Северна Македонија е успешен модел на функционална мултиетничка заедница и лидер на регионалната соработка, а со членството во НАТО станавме фактор на стабилност на Западен Балкан рече Заев.

Шефот на грчката дипломатија  Никос Дендијас, освен што ќе се сретне со својот македонски колега, Бујар Османи, ќе оствари средба и со спикерот на македонскиот парламент Талат Џафери.

Б.Т.