Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, јавно ги тагираше на Фејсбук амбасадите на САД, Велика Британија и Германија, како и Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Јавното обвинителство. Таа изрази незадоволство што не е преземена акција по нејзините претходни пријави за закани кон неа и постави прашање дали институциите ќе реагираат поради новите докази што ги објавила.
Арсовска ги обвини лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, дека ги штити Висар Ганиу и Ејуп Адеми, кои се сомничат за сериозни криминални активности поврзани со големи финансиски злоупотреби. Таа посочи дека наместо Мицкоски да го охрабри Јавното обвинителство да постапи по овие пријави, тој се занимава со политика и дури ѝ упатува закани, застанувајќи во одбрана на лицата за кои има сериозни сомнежи.
„Дури и да имам најлоши намери, ти како политичар треба да ги спречиш криминалците, а не да ги браниш, без разлика дали ти се блиски или не“, изјави Арсовска.
Таа најави дека ќе продолжи да ги објавува сите документи што ги има доставено до институциите и обвинителството, со цел јавноста да види што се случува и да ги притисне надлежните да преземат мерки и да го заштитат доказниот материјал од уништување.