Данела и Талат како решение за среда

од Vladimir Zorba

Во пресрет на таканаречената лидерска средба во среда методот на Данела Арсовска и Талат Џафери е единствено можен како решение, како највисок македонски национален и државен акт – денес, соочени како народ, граѓани на Македонија, со речиси психопатолошките планови и фантазми на таа флотантна маса која иако е flatus vocus може неопределено да се означи како мициња и нивната примордијална Ничеанска агонистика како да дојдат на власт. Данела и Талат покажаа како може и мора со мицињата – исклучиво со кохерентно и систематско придржување до законските процедури и со константно демаскирање на лажниот патриотизам, главната Лиотаровска мета-нарација на мицињата. Кога Талат смирено, речиси (како сликата Крик) Мунковски му кажуваше на тој некојси од дпмне пратеник – парафразирам, седи таму ако не си за тепање, и кога Данела им кажуваше на некои таму од мицковистичко дпмне во советот на град Скопје да го поздрават шпицниот градоначалник (сосе медарите), тие го креираа најновиот, ултимативно софистицираниот модел на делување против мицковистичко дпмне, па дури и нов модел на мислење кој мора да биде интериоризиран како Слотердајковско ехо во самосвеста на секој нормален Македонец.

Во пресрет на таа средба во четири очи, по барање на лидерот на мицковистичко дпмне – како да се работи за средба со Фројдовски копнеж по субјектот, среде зачуденоста како може СДСМ воопшто да си дозволи можни фрустрации од раното детство да бидат трансферирани кон нив – власта – како објект на копнеж по кои се страда, мислам дека само Данела и Талат можат да помогнат во нормализацијата на преостанатиот Ум на ова парче земја и небо на планетата – со нивниот метод. Се разбира, тоа само по себе не значи дека Талат пак ќе ги заклучува оние пратениците од мицковистичко дпмне, или пак ќе им каже да седат мирни ако не се за тепање, или дека госпоѓа Данела ќе им упаѓа во раскошните, луксузни канцеларии во (не)запленетата бела палата како во кабинетот на некојси Перински – туку дека самото нивно присуство ќе биде доволно за смирување на мицињата, според моја плаузибилна претпоставка, емпириски верификувана. Се чини дека Талат и Данела им се како ноќна мора на мицињата, со радост гледам дека секое нивно карактеристично, методско настапување ги доведува до нервоза но брзо потоа и до облик на терапевтско смирување на мицињата затоа што ги разоткриваат докрај во нивните „комитски“ слабости, лаги и пропагандни уличарски трикови.

Токму затоа, во овој судбоносен историски миг за Македонија постои само еден политички метод на делување кој може ефикасно да го скроти политичкото безумие на мицковистичкото дпмне и нивната алчност за власт по цена дури и на самото опстојување на државата. Среде тотално неразбирливата попустливост на СДСМ и ДУИ, Данела и Талат се последниот глас на разумот на државата Македонија! Имено, сосема е јасно дека политичките бладања на мицињата за некакво репреговарање на ЕУ -Францускиот предлог односно денес веќе толку небитната промена на Уставот со номинално внесување на неколку делови од народи кои живеат овде (Хрватскиот, Еврејскиот, Бугарскиот, Црногорскиот, Словенечкиот и Египетскиот) – е  како некоја сцена од филмот глуп и поглуп со Џим Кери, со тоа што овде, сепак, и покрај моќниот гебелсовски агитпроп на мицињата, не се сите поглупи од глупавиот односно никој не е поглупав. Па, впрочем, САД и ЕУ императивно кажаа дека оваа уставна измена – договорот со Бугарија во целост – е последниот, единствениот и конечен предлог од нив, ЕУ и САД – и дека друг договор не е можен, барем не подобар договор. Владата успеа да овозможи надобар од сите можни договори, во алузија на Лајбниц, на сите можни светови и времиња – а политичкиот хаос во Бугарија е можност што оваа генерација Македонци не смее да го пропушти. Секоја идна стабилна влада во Бугарија ќе има мошне порадикални ставови и позиции од оваа сега, и таа историски победничка позиција не смее да се испушти и тоа заради некаква политички минорна групација наречена раководство на дпмне. Уште повеќе заради фактот дека владата успеа да го издвои работењето на историската комисија од процесот на преговори со ЕУ, и радосната вест дека успеале дури и да добијат ветувања дека наскоро ќе има и дополнителни гаранции од ЕУ држави за идентитетските реалности.

Македонскиот народ не смее пак да биде политички излажан од мицињата, од нивните манипулации претставени како (непостоечка) можност за подобар договор со Бугарија, а всушност неизвесни и неопределени најави без никакви сериозни индиции во реал-политичката состојба на Балканот. Скраја да е, ако им успее веќе холистички демаскираниот „план“ како да дојдат на власт, сите треба да знаат што не чека. А не чека многу лоша иднина со нив, со нивниот „план“, со нив како власт, далеку било. Без оглед на тоа дека новопројавениот нивен „патриотизам“ е апла лажен и само ефтин политички трик како да дојдат на власт прелажувајќи неинформирани гласачи, во реалноста сепак истиот може да биде многу траорен, за што дури ниту самите тие не се свесни, барем се надевам, во спротивно би било уште полошо за нив. Не заборавајте, нивните политички будалаштини за хрватски модел на устав, придружено со веројатно намерно преизвиканото од нивна страна намалување на бројките на Македонскиот народ поради коалицијата со Зијадин Села и Билал Касами, се опасна комбинација – за која, повторувам, историска вина носат само тие – во светот на реалноста брзо можат да предизвикаат меѓунационална, а потоа и економска, и последователно секаква друга криза – па, зарем сеуште нормален човек мисли дека ДУИ, па дури и нивните коалициони партнери Беса, уште долго ќе ги трпат провокациите на мицковистичко дпмне. Дури и изненадува колку ДУИ се трпеливи кон секојдневните навреди кон нив од страна на дпмне.

Да, ДУИ се невообичаено трпеливи и толеранти кон мицињата, и штета за тоа, некако не им прилега на нив, на командантите на УЧК-ОНА – но за наша среќа Талат, порано викан и командант Форина, не е! Тој покажа како по закони, собраниски деловник и Устав може да се држат мицињата во некаков контролиран простор – притоа не мислам само на заклучените врати од Собранието кога мицињата патетично врескаа – туку на таков херметички, Језидски круг кој нив ќе ги неутрализира во смисла на влијание врз битните општествено-политички процеси. Додуше, Данела не е толку трпелива кон нив – лично, таа е мојот политички фаворит во однос на мицково дпмне – медарите де, како што ги нарече, или барем некои од нив. Консеквентно, Данела-Талат методот, кој дури и стриктно научно може да се дефинира како Македонска квинтесенција на Аристотеловските познати дедуктивни силогизми, но истовремено и како Беконовски и индуктивни анализи на содржината, сосе структурална анализа, функционална анализа, каузална анализа, компаративна анализа, генетичка анализа, дијалектичка анализа, мора да се изучува уште од наредната учебна година во прво одделение, како онтолошка гаранција дека уште од деца Македонците ќе ги научат ефтините, мошне припрости пропагандни трикови на мицковистичко дпмне за да дојдат на власт, и со смеење ќе ги проследат, како уште една епизода на Монти Пајтон серијата, или Бени Хил.

Оттаму, СДСМ во среда треба да ги поканат госпоѓа Данела и господин Талат на средбата со лидерот на мицињата, како глас на разумот во овие сериозно критични историски времиња, како политичка совест што знае како мора да се постапува со таа група таму која сеуште некои ја нарекуваат раководство на вмро дпмне. И така, наместо можност за шепот на „лидерот“ кој бара средба во четири очи со Премиерот, нека го дочека студената, Хегеловска рационалност на Талат и шармантната насмевка на Данела. Што потоа? Па, ништо, мицињата ќе си отидат, а државата ќе мора да започне со реализација на планот Б, кој го опишав во претходата колумна – колку за потсетување, да го именува господинот кој рече дека ако/кога тој би бил (специјален) државен јавен обвинител согласно законите ќе ги избрише вмро дпмне од централен регистар на политички партии, и второ, конфискација на севкупниот имот на таа партија, според судската одлука која сеуште, за жал, до ден-денес, државата не ја реализираше. Четврток може да биде убав ден.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Слични содржини