Даниел Сервер: Србија е главниот агресор на северот од Косово

Сервер вели дека сите се свесни од каде доаѓаат тие закани, посочувајќи на тековните напади извршени од косовски Срби на северот од земјата како и на ‘терористичкиот’ напад во Бањска.

од Бети Божиноска
276 прегледи

Откако американската разузнавачка заедница предупреди во својот извештај за најголемите „глобални закани“ со кои се соочуваат САД, објавен во понеделникот, дека Западен Балкан во текот на 2024 година може да се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство, со свој коментар за ситуацијата се јави и американскиот експерт, професорот Даниел Сервер, пренесува „Репортери“.

Сервер вели дека сите се свесни од каде доаѓаат тие закани, посочувајќи на тековните напади извршени од косовски Срби на северот од земјата како и на ‘терористичкиот’ напад во Бањска.

„Ова е погрешно. Еден инцидент беше српски напад врз трупите на НАТО. Во друг инцидент, косовската полиција успешно спречи српски заговор чија цел беше да се обезбеди алиби за влез на српската армија на Косово. На северот од Косово има агресор и мора да ни биде јасно кој е тоа,“ напиша Сервер.

Во проценката на глобалните закани на американската разузнавачка заедница (The 2024 Annual Threat Assessment) објавена  од страна на Канцеларијата на директорот на националната разузнавачка служба (ОДНИ), три куси параграфи се посветени на регионот на Западен Балкан.

Во нив се вели дека „националистичките лидери веројатно ќе ги влошат тензиите за лична политичка корист„ и дека „надворешните актери ќе ги зајакнат и користи етничките разлики за да го зголемат или заштитат нивното регионално влијание или за да спречат поголема интеграција на Балканот во ЕУ, односно во евроатлантските институции“.

Во извештајот се наведува дека „судирите меѓу српските националисти и властите во Приштина во 2023 година доведоа до смртни случаи и повреди, вклучително и повреди на припадниците на мировните сили на НАТО (КФОР)“.

Слични содржини