Американското разузнавање за заканите во светот: Можно етничко насилство на Балканот

Западен Балкан во текот на 2024 година може да се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство, се вели во годишниот извештај за најголемите „глобални закани“ со кои се соочуваат САД.

од Бети Божиноска

Западен Балкан во текот на 2024 година може да се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство, се вели во годишниот извештај за најголемите „глобални закани“ со кои се соочуваат САД, посочувајжи на тековните тензии меѓу Косово и Србија и внатрешните кавги во БиХ во кои доминираат сецесионистичките закани од проруското лидерство на српскиот ентитет.

Во проценката на глобалните закани на американската разузнавачка заедница (The 2024 Annual Threat Assessment) објавена  вчера од страна на Канцеларијата на директорот на националната разузнавачка служба (ОДНИ), три куси параграфи се посветени на регионот на Западен Балкан.

Во нив се вели дека „националистичките лидери веројатно ќе ги влошат тензиите за лична политичка корист„ и дека „надворешните актери ќе ги зајакнат и користи етничките разлики за да го зголемат или заштитат нивното регионално влијание или за да спречат поголема интеграција на Балканот во ЕУ, односно во евроатлантските институции“.

Во извештајот се наведува дека „судирите меѓу српските националисти и властите во Приштина во 2023 година доведоа до смртни случаи и повреди, вклучително и повреди на припадниците на мировните сили на НАТО (КФОР)“.

Во однос на Босна и Херцегоvина, во извештајот се посочува дека „лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, презема провокативни чекори за да го неутрализира меѓународниот надзор во БиХ да обезбеди, де факто, отцепување на неговата Република Српска“, додавајќи дека неговите постапки би можеле да ги охрабрат бошњачките лидери да ги зајакнат сопствените капацитети за заштита на своите интереси, што може да доведе до насилни конфликти.

Милорад Додик, претседателот на Република Српска е на списокот за санкции на САД и Велика Британија. Додик претходно изјави дека не се плаши од американските предупредувања и дека ќе реагира доколку некој се обиде да го прекрши Дејтонскиот договор.

На опасноста од „сепаратистичката политика“ на Додик предупредува и Американската амбасада во Сараево, наведувајќи дека таа „ја загрозува европската перспектива на Босна и Херцеговина, нејзината демократија и економија“.

Слични содржини