Градоначалникот Дејан Митески и ВМРО-ДПМНЕ преку Советот на Општина Аеродром ја преполовија сумата која се доделуваше како спонзорство на најголемата аеродромска гордост МЗТ, обвинија денеска од СДСМ. Според огранокот на партијата од Аеродром, само 12 милиони денари Општина Аеродром одвои за спонзорство на МЗТ за 2025 година. Во 2021 и 2022 година овој износ беше 24 милиони денари што е двојно повеќе во однос на износот кој Митески го предвиде за оваа година.
-Митески, Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ пред само 4 години ветуваа враќање на МЗТ во АБА 1 лигата. Наместо тоа МЗТ испадна и од АБА 2 лигата. За тоа време финансиските извештаи за работењето на МЗТ се најстрого чувана тајна во Општина Аеродром. Јавно го прашуваме градоначалникот Дејан Митески, дали е точно дека МЗТ должи на играчите? Дали и колку должи по основ тужби заради неисплатени плаќања кон играчи? Дали е точно дека тоа е една од причините за блокадата на сметката на клубот во текот на минатата година? Прашуваме зошто не се објавени јавно финансиските извештаи за работењето на МЗТ? Зошто истите не се разгледуваат на седниците на Советот на Општина Аеродром, праша Марко Данилоски, секретар на ОО СДСМ Аеродром.
Данилоски оценува дека МЗТ денес е понижен, а неговите искерни поддржувачи се прелажани.
-Памтиме времиња кога играчите вадеа срце на терен, а од навивањето на Фемили Аеродром се тресеше цел Балкан. На МЗТ му е потребно обединување од страна на сите политички, партиски и непартиски субјекти. Само со искрена поддршка ќе го вратиме МЗТ на победничките патеки, порача членот на партијата од „Бихаќка“.