Данска денеска објави дека ја отворила вратата за присуство на американски војници и воена опрема на нејзина територија во рамките на новиот билатерален договор кој го олеснува движењето на американските војници во Европа во екот на тензиите меѓу Западот и Русија.
„САД подадоа рака на Данска, која исто така е членка на НАТО, и и понудија билатерална соработка во областа на одбраната“, рече премиерката Мета Фредриксен на прес-конференција.
Таа појасни дека сè уште не е дефинирана точната форма на таа соработка, но дека може да опфати присуство на американски војници и воена опрема на данска територија.
Преговорите за тој иден договор не се забрзани со актуелната криза меѓу Русија и Украина, рече данската премиерка, иако посочи дека сегашната криза ја „илустрира“ потребата од засилена соработка.
„НАТО и САД се гаранти на нашата безбедност, затоа формираме заеднички фронт со САД кога се во прашање западните вредности како демократијата и слободата“, изјави данскиот министер за одбрана Мортен Бодсков.
Нордиската земја, која се бореше заедно со Американците во Ирак, стана еден од најблиските сојузници на Вашингтон во Европа во последните две децении, наведува АФП.