Данскиот европратеник Нилс Фулсанг од групата „Прогресивен сојуз на социјалисти и демократи“ очекува утре од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ да ѝ дозволат на Бугарија да се приклучи на еврозоната на 1 јануари како знак дека таа, како што вели, постигнала целокупен напредок и има силна економија. Колку за потсетување, Данска го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ минатата недела.
Во интервју за „БНР“, Фулсанг зборувал и Извештајот за напредокот на Македонија во ЕУ кој треба во следните денови да биде на дневен ред на седницата на Европскиот парламент во Стразбур. Според европратеникот, „Македонија мора да ги послуша барањата на Бугарија ако сака да продолжи во процесот на пристапување кон ЕУ“.
„Секако, имаме Француски предлог што ги одразува загриженостите на Бугарија и има сериозна тежина. И мора да продолжиме да ја слушаме Бугарија, вклучително и кога станува збор за С. Македонија. Последното нешто што сакаме да создадеме се опасни политички конфликти во нашата заедница. Затоа мислам дека С. Македонија знае и дека мора да го послуша она што го вели Бугарија ако сака да се приклучи кон ЕУ“, порачал Фулсанг.
Данскиот европратеник вели и дека преговорите со Македонија нема да бидат завршени за време на актуелното претседателство на неговата земја со ЕУ и ќе бидат предадени на следното претседателство со ЕУ, со кое ќе раководи Кипар.