Даравелски ќе се брани од слобода

од Nikola Popovski
139 прегледи

Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски попладнево излезе од затворот „Идризово“ и од слобода ќе го чека новото судење за предметот за кој е обвинет.

Ваквата одлука доаѓа откако вчера Кривичниот суд соопшти дека повторно ќе му се суди.

-Судот потенцира дека во конкретниот случај, советот го ценел чл.3 ст.2 од Втор додатен протокол на Европската конвенција за екстрадиција како и одредбата од  чл.424 ст.1 од ЗКП, според која кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство, а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство ќе се повтори ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство, соопштија меѓу другото од Кривичниот суд.

МВР на 10-ти јануари годинава го лиши од слобода Даравелски, кој беше баран со меѓународна потерница.

Даравелски, во 2007 година во отсуство беше осуден на казна затвор во траење од седум години. Тој во 2016 година еднаш веќе беше уапсен во Белград, но не дојде до негова екстрадиција.

Тој се товареше дека додека бил директор, ја злоупотребил службената должност и овластување, а неговиот заменик, второобвинетиот Киро Доцевски беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Доцевски беше осуден на казна затвор во траење од четири години и 10 месеци. Според обвинението, со работењето на Даравелски и на Доцевски државата била оштетена за 2,5 милиони евра

Со истата пресуда судот одлучи на двајцата да им се заплени имот во висина од 103 575 167 денари најдоцна 30 дена по правосилноста на пресудата.

Во јули 2010 година, Агенцијата за управување со одземен имот, врз основа на правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје, со решение до Агенцијата за катастар на недвижности на РМ изврши промена  на сопственост на  имотните листови на две парцели во КО Куманово и една во КО Центар – Скопје од лицето Драган Даравелски во корист на Република Македонија, а со истата пресуда, со решение извршен е пренос на имотот на поранешниот сопственик Киро Доцевски во КО Куманово во сопственост на Република Македонија.

Слични содржини