Дерала за говорот на омраза: Политички партии од радикалната десница ја контаминираат јавната комуникација

од Маја Анчевска

Вчера нашата фудбалска репрезентација во Палермо ја победи Италија. Но, за жал кај нас освен радосна прослава на плошадот во Скопје одекнуваа и извици на омраза: „кој не скока тој е ши*тар“, „мртов ши*тар-добар ши*тар“.

Џабир Дерала од ЦИВИЛ смета дека зад овој немил настан се кријат политички партии.

–  Да, некои политички партии од радикална десница со децении наназад ги контаминираат  јавната комуникација, медиумите, гласачи и јавноста со жестоки ултранационалистички пораки. Политиките и практиките на партиите кои промовираат ултранационализам, насилство, омраза, всушност е параван за нивна неспособност да донесат креативни решенија за предизвиците со кои се соочуваат нивните граѓаните. Тие се многу опасни доколку им се даде простор да ја развиваат нивната доктрина и идеологија кои ќе допринесат до насилство и поделба, вели Дерала за „Локално“ активист за човекови права и и еден од основачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Според него одговорноста воопшто не можеме да ја бараме кај децата и младите.

–  Сметам дека се работи за одговорност на системот, на образование, родители и медиуми. Сметам дека институциите  не пружаат доволно квалитетен материјал, пораки, информации, сознанија со кои овие млади луѓе, деца ќе ги отворат своите видици и ќе ја согледаат убавината на мултикулирализмот, пичитување на различноста во било која смисла на зборот, не само на етничка туку и родова, социјални и верска. Со вакви пораки, идеи утре можат да мразат некој кој  е сиромашен, и да посакуваат негова смрт, некој кој е со различна сексуална  ориентираност, да мразат жени кои се еманципирани и кои треба да го засемат своето место во општеството, додава Дерала.

Дерала додава дека нашата земја има доволно закони кои се однесуваат на оваа материја, пред се одредби од кривичен закон за ширење на верска, етничка и расна омраза и ова е еден таков случај.

– Јас децата не би ги повикал на одговорност пред кривичен суд. Меѓутоа би спровел истрага дали  непосредно пред ова имало некоја инструкција за да се случи ова и каде лежи одговорноста. Оние во институциите или надвор од нив кои се занимаваат со ширење на верска, расна и етничка омраза, што е спротивно на кривичен закон, да бидат земени на одговорност. Одговорност и на граѓани и на медиумите е да шират вредности за почитување на човекови права и слободи, а со тоа и почитување на различностите, вели тој.

М.А.

Слични содржини