Дарко Стојанов е првиот пациент кој се врати дома по лекувањето во странство

од Nikola Popovski
550 прегледи

Дарко Стојанов е првиот пациент кој се лекуваше во странство, а се врати назад по пожарот во Кочани. Со тоа, првиот пациент, кој се лекуваше во странство по страотниот пожар во дискотеката, пристигна дома.

Стојанов е во добра состојба. Тој вчера беше пречекан од министрите за здравство и за надворешни работи, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски.

По враќањето во земјава бил прегледан на Kлиника за токсикологија, каде ќе биде задржан најмалку 24 часа.

Според протоколите на Кризниот штаб на Министерството за здравство, формирани по трагедијата во Кочани, секој од пациентите по враќањето во земјава ќе биде набљудуван најмалку 24 часа во една од клиниките во земјава.

Уште 12 повредени пациенти од пожарот во кочанската дискотека заминуваат на домашно лекување. Во државните и приватните клиниките остануваат 27-мина. Четворица пациенти кои се лекуваат во странство и натаму во критична состојба, кај некои има влошување.

Министерот за здравство вели дека тим од пластични хирурзи во кочанската болница вршат контроли на пациентите кои се на домашно лекување. Неколку западноевропски држави понудиле подолгорочна рехабилитација за потешко повредените.

„За жал, 4-5 пациенти се во критична состојба, некаде има и влошување. Таму каде што се лекуваат колегите се обидуваат да дадат максимум за да можат да го поминат овој тежок период. Имаме понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти“, изјави Таравари.

Во хируршките клиники „Свети Наум Охридски“ се лекуваат само шест пациенти, тоа се оние повредени кај кои веќе е направена трансплантација на кожа.

„Од 10 пациенти кои се хоспитализирани, кај шест е извршена трансплантација на кожа, кај останатите се прават само локални преврски. Можам да кажам дека има оптимизам во понатамошната прогноза. Денеска се планира испис на четворица пациенти, чекаме да стигнат токсиколошките анализи“, изјави д-р Небојша Настов, директор на хируршките клиники „Свети Наум Охридски“.

И покрај ограничениот буџет – здравствените власти велат дека се прават напори да се подобрат условите за лекување. Изминативе месеци инвестирано е во опрема, а 190 приватни специјализанти се во процедура на вработување. Таравари смета дека треба да се размисли за повторно отворање на Центар за изгореници.

Слични содржини