Дарвин Нуњез (24) успеа да се најде во центарот на вниманието – во негативна смисла – по натпреварот во кој Ливерпул одигра одлична партија и убедливо го совлада Тотенхем на „Енфилд“ (4:2).
Иако на теренот излезе дури во 75. минута при резултат 4:1, Уругваецот од крајот на натпреварот имаше две прилики, од кои едната беше од категоријата „очи в очи“ со голманот и како и обично – не реализира ниту една од нив.
Силно иритираните навивачи, кои уште од првиот ден му дадоа „авансна“ поддршка, во меѓувреме го променија расположението кон скапата „деветка“ од 100 милиони евра, па по крајот на натпреварот се слушнаа свирежи, па дури и навреди.
Во врска со ова или не, само од официјалниот Инстаграм профил на Нуњез наеднаш исчезнаа сите негови фотографии во црвениот дрес на Ливерпул, односно останаа само оние во опремата на репрезентацијата на Уругвај и приватните, со семејството и пријателите.
Оваа акција навивачите ја сфатија на единствен можен начин, како најава за демонстративно заминување од клубот каде пред две години беше пречекан со еуфорија и топлина.
Како и многу љубови на прв поглед, така и оваа врска меѓу Дарвин и „црвените“ доаѓа до ран и непријатен крај, па на медиумите и фан страните и профилите доминира впечатокот дека – цитат – „Нуњез е сепак солиден материјал за заработка и дека клубот треба да се врати што е можно повеќе во однос на вложената сума“.
Нуњез постигнува првенствен гол на приближно секој четврти натпревар оваа година (9/34, 26%) и, иако не е единствената, е една од причините за неуспехот на тимот во спринтот за титулата со Манчестер Сити и Арсенал.
Со оглед на тоа што најголемиот поддржувач на Дарвин во двете турбулентни сезони на „Енфилд“, Јирген Клоп најави заминување на крајот од сезоната, не е исклучено и самиот фудбалер да се реши на истиот потег, сметајќи дека фудбалската среќа го чека на друго место. .