Даштевски: Досега пријавени 11 кандидати за претседател на државата

од Stefanija Kuzmanovska

Досега се пријавени 11 кандидати за претседател на државата, Вело Марковски, Билјана Ванковска, Томе Николовски, Бујар Османи, Господин Поповски, Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски, Арбен Таравари, Ѓорѓи Манасков, Мерсиха Смаиловиќ и Зорица Цветковска, а доставена е и една пријава за независен пратеник, информира вечерва претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски и потсети дека рокот за пријавување трае до 8 март.

Според него, утрово во 8 часот сите места за собирање потписи биле отворени. Вкупно низ земјава има 34 подрачни единици, распоредени во сите поголеми градови, а во некои од подрачните единици има и по неколку вработени. Работното време е од 8 до 20 часот.

Досега, како што рече Даштевски во „Топ тема“, до ДИК не се доставени никакви забелешки за несоодветни услови од кандидатите кои собираат потписи, а доколку некој нешто такво пријави, веднаш ќе се излезе во пресрет. Нема пријави, дополни, ниту за предвремено почнување на кампањата, но, сепак апелира политичките партии да ги почитуваат постапките и да се однесуваат во рамки на законот.

„Утрово во 8 часот сите места за собирање потписи беа отворени, работеа сите. За овој процес се подготвуваме многу и ги преземавме сите мерки. Имаме донесено Правилник за регулирање на постапката за собирање потписи кој може да се најде на веб страницата и да се прочита. Имаме дадено и наредба на вработените, ако не може немоќно лице да се качи, вработениот да се симне“, рече Даштевски во врска со денешните поплаки на некои од партиите околу условите за собирање на потписите.

Слични содржини