Даути: Многу извесно е дека Србија со Македонија сака да воспостави сличен воен сојуз за соработка како што беше склучен меѓу Хрватска, Албанија и Косово бидејќи за неа тоа е некаков знак за закана

Би било голема авантура една преориентација каде Македонците би се свртеле кон српски и руски свет, а Албанците би останале на евроатлантската ориентација - вели аналитичарот Даути за „Локално“

од Nikola Popovski
177 прегледи Фото: Архива

Мора да се каже дека одбележувањето на годишнината на битката на Кајмакчалан е еден од најинтересните и најконтраверзните и најпроблематичните настани во македонско тло, со многу знаци на индикација за балканските состојби, сојузи и геостратешки ориентации.  Интересен беше настанот бидејќи српската делегација се погрижи не само за пораките што ќе ги испрати, туку и маркетиншкото пакување на ниво на “уметничка“ перфекција! Барем така делуваше министерката со српско-македонско презиме, кое којзнае колку извежбала дома пред да дојде тука, да ги каже пораките низ неколку ентериерски сцени, тоа да го сними и за многу кратко време измонтирана да го пушти како спот! Браво ним! Тие знаат што и како, вели за „Локално“ политичкиот аналитичар, Даут Даути за настаните од изминатиот викенд на планината Ниџе и скандалозната изјава на српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ, кој зборуваше за „патот на слободата“ и „враќањето во татковината“ на српската војска на територијата на Македонија.

Даути прашува „каде сме ние како земја“. Според него, слободарските пораки имаат и историски и современ контекст, и какво ни е местото на нас Македонците и Албанците во српските „епски битки“ и што добивме од тоа „заедничко“.

-Македонците во државната творевина што настана по Кумановската битка, по балканските војни, Кајчмакчалан, по втората светска војна не беа признаени како никаков субјект, ни територијален, ниту етнички? Во тие настани, Македонците беа топовско месо во неколку војски, дури ставени да се бијат и меѓу себе, што е брилјантно прикажано од перото на македонските писатели. Е дали ова би требало да биде нешто што треба да не води кон нешто “заедничко“, покрај потеклото што го истакнаа српските претставници, и на политичка некаква иднина? Добро, легитимно е државите и народите да негуваат добри односи, како делови на некогашна заедничка држава, СФРЈ, уште повеќе, но не можеме да бидеме глуви на се што се случува околу нас и во светот. Можеби тука е скриената опасност од неснаоѓање во вакви немирни и за многу нешта нејасни надоаѓувачки процеси на тој план. Многу извесно е дека Србија со Македонија сака да воспостави сличен воен сојуз за соработка како што беше склучен меѓу Хрватска, Албанија и Косово, бидејќи за неа тоа е некаков знак за закана. Но за Македонија би било проблематично заради фактот што сме членка на НАТО, и од минатото и сегашноста, само Србија била и останува закана за регионот, а не другите,така што би било многу нелогично за нас да се качиме на експанзионистичките цели на „српскиот свет“, посочува соговорникот во разговорот.

На прашањето дали Македонија се подготвува за „Трета српска држава“ и дека во последниот период гледаме обвинувања, особено од дел од партиите од албанскиот блок како станала дел од „српскиот свет“, Даути не верува дека до таму би дошле работите поради опасната поделеност што би се предизвикало на деликатните односи меѓу двете заедници. За забелешките од политичките партии на Албанците, вели дека треба сериозно да ги земаат не само политичарите, туку и самите граѓани.

-Досега двете главни заедници беа ориентирани кон запад, ЕУ и НАТО, а сега би било голема авантура една преориентација каде Македонците би се свртеле кон „српски“ и „руски свет“, а Албанците би останале на евроатлантската ориентација. Потресите би биле големи.  Се обидувам да влезам во главите на оние кои сегашната позиционираност на земјата ја гледаат како „несоодветна“, но не ми помага да заклучам дека имаме потреба од нова ориентација. И тука, заради конфликтот меѓу разумот и емоцијата. Емотивниот дискурс би бил наклонетоста кон сесловенсвото и панортодоксијата, каде што „природно“ се гледаат дел од политичката елита, иако историјата е полна со горски искуства токму на грбот на македонскиот народ. Конфликт меѓу разумното и емотивното постои дури и во самото српско општество, така што немаме потреба да ги накачиме на врат нивните поделби, истакнува аналитичарот.

Смета дека во овие времиња не е лесно да се води државна политика без да се следат потресите во светската политика.

-Изгледа дека можеби сегашната власт е меѓу два огна, бидејќи гледа дека ни тоа што беше до вчера јасно како поделба, со враќањето на Трамп, многу нешта се нејасни, па така типуваат на тоа дека разумното(ориентација и придобивки од Западот) сега никогаш не биле поблиски со копнежот по панславизмот и панортодоксизмот, нели, затоа што Трамп „шурува“  наголемо токму со Русија. И што би рекле некои наши, зошто не и ние?! Секој народ, секоја земја има право да ги бира своите сојузници, но секогаш не треба да се заборави ниту минатото, ниту сегашноста. Ни може да се градат надворешни односи, рушејќи го за многу нешта тешко стекнатото внатрешно единство по евроатлантската ориентација, нагласува Даути.

Н.П.