Даути за „превирањата“ во ВЛЕН: Единствена логика би била можно помирување на Села и Таравари од кое ДУИ и АА би извлекле огромен бенефит

Вистински причини за евентуално напуштање на коалицијата, а не само заради теснопартиски интереси, би биле не мал број на проблеми на ВЛЕН во начинот како ВМРО-ДПМНЕ се однесува кон прашањата што ги засегаат Албанците, ја анализира ситуацијата Даути за „Локално“

од Nikola Popovski
1,8K прегледи

Барав некоја политичка логика за такво нешто, а не можев да најдам, особено ако една сега веќе фракција, а не регистрирана партија би барала 40 отсто од општините, во коалиција каде што се четири партии. Појдовна основа за такво нешто би била сегашната контрола на локалната власт, а тоа не оди во прилог на таквата амбиција. Не гледам логика и од ДУИ да мислат дека многу подобро на тој план би добиле со Арбен Таравари место со Алијанса на Зијадин Села, која на суд ги доби името и печатите, посебно што од друга страна би било и некоректно кон него, по толкавата битка да излезат како победници заедно на парламентарните избори со Европскиот фронт, вели политичкиот аналитичар и поранешен член на Комисијата за лустрација, Даут Даути по најавите и одредени пишувања дека ВЛЕН може да продолжи без еден од нејзините лидери кој е актуелен министер за здравство.

Според Даути, единствена логика би била можното помирување на Села и Таравари, од кое сите би извлекле огромен бенефит – и ДУИ и Алијанса на Албанците, а Таравари би бил пак главен во својата општина, каде, како што вели, му беа занишани позициите на парламентарните избори. Сепак, за ова вели дека не знае дали има взаемна волја меѓу нив двајцата.

За соговорникот, вистински причини за евентуалното напуштање на коалицијата, а не само заради теснопартиски интереси, би биле не мал број на проблеми на ВЛЕН во начинот како ВМРО-ДПМНЕ се однесува кон прашањата што ги засегаат Албанците и затоа, како што вели, партиите на ВЛЕН се под силен притисок на јавноста и медиумите дека допуштаат враќање назад.

-Причини за тоа веќе има многу: Законот за јазиците пред Уставниот суд е оспорен токму од нивниот коалиционен партнер кој додека е во процедура во Уставниот суд, некоја „невидлива рака“ веќе на теренот постапува како да е укинат! Сите нови табли на магистралните патишта се без албанскиот јазик, во главниот град, а некои градоначалници не го есапат ич албанскиот јазик. Исто е и со укинувањето на т.н. „Балансер“ за праведната застапеност во администрацијата, при што ВЛЕН се согласи заради злоупотребата на припадноста за „партиски вработувања“, но засега сеуште не гледаме алтернативен модел да се запази тој критериум, а пак за нивна несреќа, премиерот Христијан Мицкоски јасно укажа дека додека е тој нема да има етнички вработувања…, наброја Даути.

Оттаму, реално, додава тој, „проблеми во рајот“ има на претек и партиите на ВЛЕН можат да бидат „аминаши“ на секоја цел што сака да ја постигне ВМРО-ДПМНЕ, а тука очигледно се согласуваат во гонење на носителите на бившата власт, особено на ДУИ (како некоја „стратешка цел“), но, сериозно се разидуваат по прашањата од етнички карактер.

-Наскоро голем проблем може да настане и евроатлантската ориентација на земјата, што би било сериозен проблем да се следи од ВЛЕН, констатира аналитичарот.

Сепак, Даути тврди дека „спин-приказни“ би било најлогичното објаснување за наводите, но медиумите дадоа доста информации дека кај што има чад, може да избувне и оган. Оценува дека ВЛЕН е една коалиција која објективно има проблеми во функционирањето заради хетерогеноста, бидејќи за едно обично вработување треба четворица лидери да се договорат.

-Очигледно е дека комуникација со лидерот на ДУИ имало, дали заради засилување на позициите во ВЛЕН или во владината коалиција пред идните локални избори или воопшто заради идни политички позиционирања и тоа треба набрзо да се разјасни. Ништо ново, со оглед дека сите партии на ВЛЕН, па и други, знаат да прават вакви „лупинзи“, кои не се секогаш принципиелни, ама се практични. Сите тие биле со ДУИ порано. Со оглед дека не гледам политичка логика од ова што се најавува, не ми се верува дека Таравари ќе оди од сигурност во неизвесност – од власт во опозиција, иако црвот на сомнежот ќе ја гризе и понатаму коалицијата ВЛЕН и владината коалиција, заклучува Даути.

Таравари вчера во емисијата „Топ тема“ изјави дека во Владата се многу партии, од кои четири се во ВЛЕН. Според него, некогаш има недоразбирање и конструктивност и нормално е кога има недоразбирање и во една семејство, а не па во коалиции. Министерот вели дека генерално соработката во ВЛЕН е во ред, а со премиерот Христијан Мицкоски, соработката е прекрасна.

-Повеќе се шпекулации. Секоја партија си гледа да излезе на избори што подобро и ова е нормално. Не можам сам да донесам одлука. Имаме седница на Централно собрание на 6-ти април. Не верувам дека ќе се однесе таква одлука (за отцепување од ВЛЕН), но би сакал со членството и со ЦС да зборуваме за можни опции за локалните избори. Да донесеме најдобра можна одлука за АА, кажа еден од членовите на ВЛЕН. Демантра дека побарал 40% од кандидатите за изборите туку дека побарал листите за советници да бидат посебни за да се мотивираат што повеќе луѓе.

-Не сме за разговарале за градоначалници само за листи. Втора опција што сум побарал е трите партии од Влен да бидат заедно, ние да бидеме посебно. Чисто мислам дека ако ги ставиме сите партии на една листа ќе има револт зошто од оваа партија, зошто од таа партија и затоа мислам што повеќе имиња имаме на листите за советници, толку повеќе ќе има мотивација кај членовите да лобираат и да бидат активни на изборите.

Н.П.

Слични содржини