Даути: Законот за употреба на јазиците ги обврзува државните институции да го користат албанскиот јазик

„ДУИ и ВЛЕН се натпреваруваат кој е поголемо зло“, вели пратеничката од таборот на Зијадин Села

од Nikola Popovski
76 прегледи Фото: Фејсбук/Илире Даути

Пратеничката од крилото на АА предводено од Зијадин Села, Илире Даути изјави дека албанскиот јазик е службен во Македонија и дека државните институции се должни да го спроведуваат Законот за употреба на јазиците. На прашањето во дебатна емисија дали албанскиот јазик е службен, пратеничката одговорила: „Дали седницата би била прекината ако албанскиот јазик не е службен? Моето барање беше категорично да ги имаме материјалите на албански јазик“.

Даути нагласила дека Законот за употреба на јазиците ги обврзува државните институции да го спроведуваат и да создадат услови за спроведување на законот.

„Законот за употреба на јазиците има одредба со која се обврзуваат државните институции да го спроведуваат и да создаваат услови за спроведување на законот. Има уште еден член, кој беше многу контроверзен од друга страна, но сепак е дел од законот и во кој се наведува дека оние државни институции и органи кои нема да ги усогласат другите закони со него ќе ги применуваат законите од предметниот закон, односно Законот за употреба на јазиците“, изјавила пратеничката во емисијата „Клик плус“.

Даути додала дека двете партии ВЛЕН и ДУИ се натпреваруваат кој од нив е поголемо зло.

„Албанската политичка сцена во Македонија го мери злото. Сега конкуренцијата е меѓу ВЛЕН и ДУИ за да се види кој е најголемото зло. Ова е дебатата. Едните велат дека сте го направиле ова, другите велат зошто сте го направиле ова, а сега ние не го правиме тоа…Ние всушност го мериме злото“, порачала пратеничката.