Давчева: Активист на Левица, кој 18 години работел во ЈСП, беше избркан од работа поради реваншизам

„До последниот ден од мандатот на Ѓорѓиевски и ДПМНЕ ќе бидеме најголем противник на нивното корозивно владеење! Најголема доблест е да се спротивставиме на најголемиот непријател на Скопје“, порача советничката од Левица

од Nikola Popovski
30 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје обвинува дека преку градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, се отелотворува, како што велат, опасната комбинација од ароганција и политички реваншизам, својствена на ВМРО-ДПМНЕ. Според советничката, Милица Давчева, опиен од привилегиите на функцијата, наместо да управува со градот, градоначалникот демонстрира тотална политичка одмаздољубивост, ароганција, злонамерност и политички реваншизам.

-Фактот дека наш политички активист, кој 18 години работел во ЈСП, беше избркан од работа врз основа на политичка дискриминација, говори доволно. Орце Ѓорѓиевски не е способен да го води градот, туку единствено да се пресметува со политички неистомисленици.

ЈСП е најголемата жртва на ова криминално и неспособно владеење. ЈСП не е само уништен, туку е системски закопан, девалвиран и завиен во црно – оставен да пропадне за да се отвори простор за бизнис-зделки на грбот на граѓаните.

Круна на оваа катастрофа е штетниот договор со „Маратон“, потпишан од Игор Јанушев – договор кој е симбол на грабежот, нетранспарентноста и клиентелизмот. Ова е континуитетот од кој влече Орце Ѓорѓиевски. Како и сега, така и претходно, ДПМНЕ го уништувал главниот град систематски. И секогаш последиците ги плаќаат граѓаните – со нефункционален превоз, со уништени претпријатија, со лоши јавни услуги и со град заложник на една отуѓена криминална партија, како најголем непријател на Скопје, порачува Давчева.

Советничката потсетува дека токму, како што вели, ДПМНЕ четири години ја блокираше набавката на нови автобусиа, а сегашната власт сè уште не обезбедува нови автобуси.

-Проблемот е Орце Ѓорѓиевски, кој се занимава со политички реваншизам, а веќе дава ужасни резултати во својот мандат со неговата неспособност, политика на одмазда и партиска слепост. Проблемот е ДПМНЕ – партија која 35 години системски ја уништува државата, ги распродава институциите и ја претвора јавната власт во приватен бизнис.

До последниот ден од мандатот на Орце Ѓорѓиевски и ДПМНЕ ќе бидеме најголем противник на нивното корозивно владеење! Најголема доблест е да се спротивставиме на најголемиот непријател на Скопје. Во градот постојат многу луѓе за кои не е нормално ова мафијашко, иживувачко и крајно неспособно владеење. Во градот постојат луѓе кои со нетрпение го очекуваат денот кога конечно ќе се ослободиме и Скопје ќе се врати кај граѓаните, кажа советничката од редовите на Левица.