Професорот Борче Давитковски не штеди зборови на критика во однос на планираните даночни реформи.
Погрешни се, тврди катергорично, споредувајќи ги со решенијата од пред 7-8 години кога според него, не резултирале со каков било позитивен ефект.
„Секогаш кога Владата е во криза пристапува кон даночни реформи. Вакви се предлагаа и пред седум-осум години и траеа само два месеца, направија хаос во стопанството и меѓу авторите“, вели Давитковски за „Локално“.
Особено се осврнува на давачките на авторските хонорари кои во тој период предизвикале, како што вели, откажување на научно истражувачки проекти, ефект што тој и сега го очекува со намерата да се плаќаат придонеси за договорите на дело.
„Пред повеќе години кога тогашната Влада ги воведе давачките на авторските хонорари од 10% данок се предвидоа сите давачки ( даноци и придонеси како за плата, околу 50%), и тоа директно се одрази на високото образование (откажување на научно истражувачки проекти и ангажирање на магистерски и докторски студии за кои надоместокот по правило се плаќа како авторски хонорар).Истото се случи во енергетиката и во градежништво, каде инженерскиот кадар добива авторски хонорар .Идентично е и во културата каде актери, пејачи, ликовни и музички уметници добиваат хонорар, но и во медиумите и други слични професии“, вели Давитковски.
Остар е и во однос на предвидениот данок од 10% на штедните влогови.
„Ем каматата е никаква , ем банките дебело печалат на штедните влогови кои ги дават како кредити под значително повисоки камати од што плаќаат за нив. Ова може директно да се одрази на штедните влогови ( 5-6 милијарди евра) кои граѓаните можат и треба да ги повлечат, со што банките би останале без реални пари, а државата без пари од данок на штедни влогови“, заклучува Давитковски.
Намерата да се плаќаат придонеси за договорите на дело претходно за „Локално“ ja критикуваше и економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт.На тој начин според него, се нaметнуваат нови давачки за хонорарците кои немаат работен однос, а не се зголемуваат даноците на тие со високи плати.
„Не можеме да зборуваме за праведен данок ако сакате да даночите хонорарци кои едвај крпат крај со крај , а не сакате да даночите милионери. Ако не се воведе прогресивен данок и на личен доход , и на добивка, а се воведат продонеси на хонорарците, тоа ќе значи дека со оваа реформа всушност ќе се даночат сиромашните, а не богатите , и тоа ќе има катастрофални економски и социјални последици“, изјави Јовановиќ во интервју за „Локално“.
К.В.С.