Загриженост за актуелната политичка ситуација во Македонија и потреба за сеопфатно повлекување на одлуката за аболиција изразил меѓу другото генералниот директор за европска соработка Роберт де Хроут на средбите одржани за време на посетата на Македонија, соопшти Амбасадата на Холандија во Скопје.
Де Хроут кој е претставник на ниво на заменик-министер за надворешни работи на Кралството Холандија, во рамките на посетата на земјата се сретна со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, со лидерите на политичките партии кои се потписници на Договорот од Пржино и со претставници од невладиниот сектор.
– За време на состаноците заменик-министерот Де Хроут ја изрази својата загриженост во врска со сегашната ситуација која е разединувачка и неодржлива, и која може да се подобри единствено преку инклузивен процес заснован на транспарентност и одговорност од сите чинители. Сите страни треба да бидат вклучени во дефинирање и спроведување на реформска агенда заснована на Договорот од Пржино, стои во соопштението.
Манчевски од Велес: „Наскоро Македонија ќе добие техничка влада која ќе организира и избори“
Заменик-министерот Де Хроут, се додава, ја потенцираше уште еднаш потребата за одговорност и почитување на владеењето на правото од страна на сите, што истовремено подразбира активна поддршка од сите вклучени страни за непречено функционирање на Специјалното јавно обвинителство.
– Во оваа насока, одлуката за помилување донесена од претседателот Ѓорге Иванов треба да биде повлечена сеопфатно и без дискриминација, со цел да се избегне вкоренување на впечатокот за неказнивост. Истовремено, учеството на лицата кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство во привремената Влада или било која друга политичка функција не придонесува кон враќање на довербата на граѓаните, пораќа Де Хроут, се наведува во соопштението од Холандската амбасада.
Воедно, се посочува, дека Холандија, која е претседавач со Советот на ЕУ, ќе продолжи да го следи развојот на настаните во Македонија, кои се од клучна важност со цел да се врати земјата на патот кон евро-атлантска интеграција.
