Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, му понудил на Антонио Конте нов договор со подобрени услови за да остане тренер во клубот, објави новинарот Фабрицио Романо.
Италијанските медиуми го поврзуваат со 55-годишниот Конте како нов тренер на Јувентус, каде што работеше помеѓу 2011 и 2014 година.
Поранешниот селектор на италијанската репрезентација го презеде Наполи минатото лето откако „небесносините“ ја завршија сезоната на десеттото место во Серија А. Сепак, оваа година успеа да ги одведе до титулата, која е само четврта во историјата на клубот.
Де Лаурентис му ветил на Конте инвестиција од 200 милиони евра во тимот, и се надева дека ќе биде доведен и белгискиот плејмејкер Кевин де Бруин.
Според италијанскиот печат, Конте ветил дека ќе даде одговор до петок, а Де Лаурентис е оптимист дека поранешниот менаџер на Челси и Интер ќе остане. Поранешниот тренер на Јувентус и Милан, Масимилијано Алегри, се наведува како резервна опција доколку Конте не ја прифати понудата.