Тренерот на Рома, Даниеле де Роси вели дека е логично Пауло Дибала да има поголема слобода во играта, поради неговиот стил на игра.
Аргентинецот често ја зема топката длабоко од својата половина и оттаму ја гради играта, па новинарите го прашаа Де Роси дали тоа е тактичка задача.
„Има играчи кои се талентирани и имаат потреба од поголема слобода. Може да се случи Дибала да направи одлучувачки потег, но важно е друг играч да го пополни неговиот простор. Тоа е нашата цел, добро да го пополниме просторот, да го надминеме притисокот на нашите ривали и да играме поблиску до шеснаесетникот“, изјавил Де Роси и додал:
„Играв со Тоти 20 години и никој не му кажуваше каде да игра. Требаше само да бидеме подготвени, да ја чекаме топката и да постигнеме гол. Ако сфатиме дека Дибала има таков талент, тогаш треба да го искористиме“.
Де Роси ги доби првите два натпревари на чело на Рома, која сега се наоѓа на шестото место на табелата во Серија А со 35 бодови.
Во понеделник од 20 часот и 45 минути Рома го пречекува Каљари, кој од клупата го предводи Клаудио Раниери, поранешниот тренер на Де Роси во Рома.
„Со него ги имав некои од највозбудливите моменти во Рома, имаме убав однос. Бевме на дофат на титулата. Со должна почит кон него како тренер, чувствувам и вистинска наклонетост кон него како личност“, заклучил Де Роси.