Тренерот на Рома, Даниеле Де Роси, оствари трета последователна победа откако го презеде тимот. „Волците“ го победија Каљари со 4:0. Тренерот е задоволен од нагорниот тренд на тимот, но рече дека е нормално тим со квалитет на Рома да победи играчи како Каљари, Верона и Салернитана. Тој, исто така, не сакаше да влезе во контроверзии околу перформансите на тимот сега и под неговиот претходник Жозе Мурињо.
„Момците беа одлични од почеток до крај, ја контролираа топката и ги избираа вистинските моменти за напад на празни места за да му наштетат на противникот. Одличен настап. Ќе ги погледнам бодовите и пласманот по нашите добри игри неодамна, но прерано е да правиме некакви калкулации. Игравме со три екипи кои се послабо рангирани од нас барем на хартија. Не можевме да ги потцениме и да ги сметаме победите за сигурни, но нормално е тим како Рома да победува тимови како Каљари, Верона и Салернитана“, смета Де Роси.
За споредбите со перформансите на тимот под Мурињо и сега, тој изјави: „Не ми се допаѓаат такви споредби. Не е коректно и не е фер кон Мурињо. И под негово водство Рома имаше слични натпревари како вечерва. Сега ни е важно да мислиме за следната пресметка со Интер. Играчите заслужуваат да имаат тренер кој секогаш е 100% фокусиран на следниот натпревар“.
Сепак, се покажа дека двајцата тренери имаат различни пристапи и додека Специјалниот постојано се жалеше дека нема доволно силен состав, Де Роси не се согласува.
„Моравме заедно да излеземе од тешката ситуација, без да го бараме лесното решение, но со многу напорна работа. Како поранешен фудбалер кој беше дел од овој тим, знам како да разговарам со моите играчи. И јас сум имал тешки моменти, но од нив секогаш излегував со тимска работа. Им кажав на играчите дека се навистина добри, многу талентирани и треба повеќе да веруваат во себе. Ова е многу силен тим“, убеден е Де Роси.
Фото: Фудбал Италија