Светскиот шампион од 2006 година, Даниеле Де Роси очекувано објави крајот на кариерата. Тој го раскина договорот со Бока Јуниорс и се врати во Италија. Претходно истиот ден се појавија информации дека имало проблем со 5-годишната ќерка на Италијанецот. Сепак, 36-годишниот Де Роси увери дека тоа не е случај.
„Не се работи за сериозна повреда или сериозен проблем од друга природа. Само се чувствувам како да сакам да си одам дома со семејството. Ми недостасува ќерка ми и исто така јас и недостасувам. Ја донесов одлуката во октомври и таа е конечна“, рече Де Роси на специјалната прес-конференција.
Со трансфер во аргентинскиот гигант, тој исполни еден од своите соништа, откако претходно ја напушти Рома.
„Сите се обидоа да ме обесхрабрат, но одлуката е донесена и нема ништо чудно во тоа“, додаде Де Роси. „Тука оставам дел од моето срце. Никој не може да замисли што ми значеше да можам да играм „Бомбонера“ и да бидам во соблекувалната во Бока. Беше уникатно искуство. Сите во клубот ме прифатија како брат и никогаш нема да го заборавам тоа. Јас ќе продолжам да ги гледам натпреварите на тимот и сигурен сум дека еден ден ќе се вратам на трибините “.
Тој додаде дека сигурно ќе продолжи да се занимава со фудбал.
Иконата на Рома се повлекува од големиот фудбал по 622 натпревари на негова сметка и 117 натпревари за италијанската репрезентација.