Деаноски: Ако не се постигне договор за ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ, НЕЗАДОВОЛСТВОТО ќе расте, а може да прерасне во ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК во септември

од Vladimir Zorba
1,4K прегледи

Ниту синдикатите ниту Владата веќе немаат дилеми дека в понеделник ќе се постигне заедничко прифатливо решение за зголемување на платите за вработените во јавниот сектор. По оптимистичките сигнали што беа испратени по последната средба , џентлменски е договорено да не се зборува за моделот и процентот на зголемување се додека не заврши средбата меѓу ССМ и вицепремиерот Битиќи и министерот за финансии Бесими.

„Ќе почекаме до понеделник да видиме дали ќе има конкретен одговор на нашите барања, дали Владата ќе биде подготвена да даде покачување на платата на вработените во јавниот сектор. Генерално има приближување на ставовите, речиси е договорена методологијата само останува уште да се дефинира процентот на зголемување.Моментално нашето барање е зголемување од 14,2 % со барање да се анулира инфлацијата, вели за Локално, претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Трпе Деаноски

Трпе Деаноски

Доколку очекувањата сепак не се остварат,за синдикатите останува оторена опцијата за протести.

„Ако не се постигне договор, незадоволството само ќе расте. Она што сега се случува со поединчени протести со почетокот на септемрви може да прерасне во голем општ генерален штрајк и цел јавен сектор да застане со работа“, дециден е Деаноски.

Според Здравко Савески, доктор на политички науки и предавач на Институтот за општествени науки, разбирливо е незадоволството на вработените во јавниот сектор бидејќи во изминатата година нивните плати не држеа чекор со инфлацијата,а на сето тоа се надоврза и зголемувањето на платите на функционерите, што го претвори незадоволството во отворен револт. Синдикатите вели тој покажаа апсолутна разумност и кооперативност во изнаоѓање решение, но зголемувањето на платите е остварливо но ако има политичка волја.

„Синдикатите им ги понудија сите можни опции на функционерите и со тоа, на ниво на аргументацијата, ги притиснаа до самиот ѕид. За синдикатите прифатливо е секое решение што воведува ист аршин како за работниците така и за функционерите. Фактот што сите синдикати застанаа заедно во барањата за поголеми плати е позитивен исчекор на македонското синдикално организирање. И дефинитивно тоа ја зголемува преговарачката моќ на синдикатите, а ако дојде до протести, тоа ќе ја зголеми и нивната протестна моќ“, вели за „Локално“,  Савески.

Здравко Савески

Здравко Савески

Изрази надеж дека ваквото единство на синдикатите ќе го означи почетокот на здруженото делување на синдикатите, а со тоа и ќе порасне нивната влијателност во одбраната на работничките права.

Во викенд интервју, министерот за финансии, Фатмир Бесими изрази убедување дека прашање на денови е кога двете страни ќе си подадат рака за растот на платите во јавнот сектор.

Според него голема е веројатноста покачувањето да се пресметува според просечната плата и инфлацијата а за различни служби ќе се утврди различен коефициент на сложеност.

К.В.С.

Слични содржини