Деаноски: Да не се лаже дека ФЗОМ нема пари, тоа е институција со најголем буџет

од Nikola Popovski
179 прегледи

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски денеска информира дека во тек е штрајкот на вработените во ФЗОМ во сите подрачни единици и ќе се извршуваат само најитните работни задачи. Според него, револтот кај вработените е огромен.

-Истрајни се, расположението е да се оди до крај, се додека не се потврди одлуката за платите со декемвриската плата. Бараме само да ни останат платите како што беа со декемвриската. Апелираме до Владата на утрешната седница да отвори точка на дневен ред и да се разгледа ова наше барање, рече денеска Деаноски од пред Фондот за здравство.

Апелира да не се лаже јавноста дека ако се исплатат повисоки плати, нема да има лекови за граѓаните, како што порачале од Министерството за финансии.

-Да не се лаже јавноста бидејќи не личи државен орган да игра на емоции и да лаже дека нема пари во Фондот за здравство. Тоа е институција со најголем буџет во државата и ФЗОМ секогаш има пари, дециден е Деаноски.

Синдикалецот потенцира дека штрајкот нема да престане, дури и по цена вработените да не земат плата.

-Прифаќаме само да ни остане платата на ова ниво, не прифаќаме ни денар помалку. Доколку се намалат, само може да биде полошо, додаде Деаноски.

Слични содржини