Почнувајќи од денес, вработените во МЖПП, Министерство за дигитална трансформација, МЗШВ, Министерство за правда, Министерство за култура, Министерство за економија, Министерство за транспорт, Државен завод за статистика и Државен архив, почнуваат протести. Почнуваме денеска затоа што се одржува седница на Влада и апелираме да се стави точка на дневен ред со која ќе се изнајде начин за средства од Буџетот на решавање на проблемот на вработените, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски за денешниот протест на дел од јавната администрација.
Деаноски информира дека Министерството за финансии не одобри средства за потпишување на колективните договори. Висината на платите на вработените во институциите што протестираат почнува од 25010 денари, а просечната плата во овие институции изнесува околу 29 илјади денари.
-Додатокот што го бараме од 30% значи дека вработените би добиле 6000 денари зголемен износ, но, повторно сите вработени ќе бидат под просекот на државата. Ова барање е старо повеќе од 4 години и постојано сме барале и штрајкувале, додаде Деаноски.
Протестите ќе траат секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок сите вработени во институциите ќе се соберат пред зградата на Министерството за финансии.
-Нашата намера не е да го оштетиме државниот буџет, туку заедно преку дијалог со Владата да најдеме средства за потпишување во рамки на буџетот. Се надеваме дека протестите нема да бидат залудни, а Владата ќе го слушне гласот на вработените, констатира Деаноски.