„За Бугарија е многу важно да се откаже од разбирањето дека 100% од историската вистина е на бугарска страна и дека Македонците треба скоро да го препишат бугарскиот историски наратив. И Скопје, македонските политичари и државници, како и македонската историографија, мора да се збогуваат со убедувањето дека можат да поминат низ целиот процес на преговори без критички осврт кон македонскиот историски наратив. Доколку не постои такво позиционирање и на Софија и на Скопје, мислам дека нема да има деблокирање на преговорите“, вели во разговор со ДВ бугарскиот историчар Стефан Дечев.
„Како почеток, можеби на Софија ќе и треба понагласено изјаснување за нешто што е кажано многу пати претходно: дека Бугарија ги признава моменталните реалности, имено, постоењето на македонска нација и македонски јазик. А, од страна на Скопје, мора да се врати на работата на Историската комисија, на методологијата и начинот на работа што преовладуваше во оваа комисија до февруари 2019 година. Со таков пристап, мислам дека за околу две години историските проблеми можат да се решат во главните негови делови“, посочува Дечев.
Во врска со неодамнешниот разговор на двајцата премиери Борисов и Заев, историчарот вели дека двајцата многу јасно наведуваат дека двете земји мора да се вратат на теренот на договорот од август 2017 година и на поимот заедничка историја зацртана таму – и ова треба да биде во поглед на европската иднина.
„Што, според мое мислење, значи дека деблокирањето на ситуацијата е можно само ако бугарската страна се врати на договорот и се повлече од Рамковната позиција и Декларацијата на парламентот, а македонската страна ги врати своите членови на работата на Комисијата во начин на кој таа работела до февруари 2019 година. Тогаш беа усвоени задоволителни формулации за двете земји во однос на заедничките историски личности, што двете земји официјално ги забележуваат: Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски итн“, истакнува Дечев.