Практично немаме никакви нови вести. Урсула Фон дер Лајен рече кога францускиот предлог беше усвоен во Македонското собрание: „Ќе влезете во ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик“. Можеби поради вувузелите (употребени во Собранието) во тоа време, ВМРО-ДПМНЕ ништо не разбраа, вели бугарскиот професор Стефан Дечев за новата фаза од македонско-бугарските односи и усвојувањето на Предлог-извештајот на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент за напредокот на земјава кон ЕУ. Дечев го прашавме како може да се карактеризира „победата“ на Македонија во оваа прва фаза од гласањето, на што вели „Република Македонија го потпиша Договорот со Фронтекс и ги започна преговорите на јазик кој не е според бугарската рамковна позиција.
-Мицкоски прво измислува проблеми, а потоа ги „решава“, оценува соговорникот од Бугарија.
Запрашан дали тогаш во Бугарија може да се зборува за „пораз“ и барање за оставка на Владата како што посакува дел од тамошната опозиција, Дечев потсетува дека пред неколку години, на францускиот предлог се спротивставија претседателот Румен Радев, ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, ИТН на Слави Трифонов, Преродба на Костадин Костадинов, БСП и други.
-Годините оттогаш покажаа дека тоа беше едноставен популизам, како оној на Мицкоски во Македонија. Сега, особено оние како Каракачанов го користат Извештајот за да се вратат во играта. Комично е што се фанови на Орбан, вели Дечев.
За формулацијата „модерен“ пред македонски идентитет и јазик кој е амандман кој ќе биде предложен пред главното гласање на Извештајот во јули на пленарната седница на ЕП, бугарскиот професор истакнува дека сите национални идентитети се модерни.
-Бугарскиот е постар од македонскиот. Постои и предмодерен бугарски среден век. Нема македонски, но нема ниту американски. Ова не ја прави сегашната нација помалку легитимна, рече Дечев во разговорот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во 2022 година правеа бучава свирејќи на вувузели и свирчиња и држеа натписи против францускиот предлог
„Не е проблем Бугари во Уставот, туку македонскиот идентитет и македонскиот мајчин јазик, тоа е суштината на проблемот“ – вели премиерот Мицкоски како реакција на бугарските политичари по изгласувањето на извештајот на Вајц во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент.
Според него, ние бараме Бугарија да го почитува македонскиот идентитет, а не видоизменет идентитет со модерен македонски јазик. Побара Софија да примени дел од пресудите на Европскиот суд за човекови права и да го признае Здружението ОМО Илинден-Пирин како правен субјект кој ги претставува интересите на Македонците и да назначи Македонец претставник во Министерскиот совет за национални малцинства.
„За мене е големо разочарување. Затоа што вчера сведочевме како во главниот град на Европа, Брисел, имаше обид од одредени европарламентарци да се креира нова нација и нов јазик во 21 век во Европа. Тоа што тие истите обвинуваат дека Русија прави во Украина со негирање на идентитетот на Украинците, јазикот, вчера одредени европарламентарци се обидоа да му го направат на овој малоуброен македонски народ, да креираат модерна македонска нација која што се служи со модерен македонски јазик“, изјави Мицкоски.
Бугарскиот претседател Радев во писмото до европските институции напишал дека неговата земја не прифаќа алтернатива на европскиот компромис.
„Бугарија нема да прифати замена за тешко постигнатиот европски компромис. Правата на Бугарите во Република Северна Македонија не можат да бидат предмет на политички преговори“, се наведува во писмото од Радев.
Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент го прифати Извештајот на Македонија со мнозинство гласови, притоа отфрлајќи ги амандманите на бугарските европарламентарци кои бараа пред македонскиот јазик и идентитет да стои „модерен“.
Н.П.