ДЕКЛАРАЦИЈАТА Е ЗА ПОЛИТИЧКИ ЦЕЛИ: Клубот „Никола Вапцаров“ ќе биде отворен, вели Мазнев за „Локално“

од Берта Китинска
167 прегледи

Нема никакви причини македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Бугарија да не биде отворен, вели во разговор за „Локално“, претседателот на клубот, Атанас Мазнев.

Мазнев информира дека веќе се испратени поканите до бугарските власти, македонскиот премиер Димитар Ковачевски како и до градоначалникот на Благоевград. Од македонската влада нема информација дали Ковачевски ќе присуствува во Благоевград.

-Декларацијата потпишана од неколку советници во Општината е за полтички цели. Ние веќе испративме покани за отворањето на клубот кое е закажано за 30 октомври. Денеска ќе испратиме писмо до градоначалникот на Благоевград, од кого во наредните 24 часа ќе очекуваме одговор за тоа дали ќе ни дозоли да се отоври клубот, вели Мазнев, појаснувајќи дека според бугарското законодавство градоначалникот нема право да забрани отворање на клуб и дека доколку се случи да биде забрането отворањето, тие ќе се жалат прво во Бугарија, а потоа и во Стразбур.

„Советот на Општина Благоевград ниту е надлежен, ниту има право да носи декларации за отворање културни клубови“, реагираше претходно партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин.

-Во Бугарија стана навика куци и осакатени институции да ги присвојуваат правата што ги немаат со закон, а да изразуваат дали има или нема македонска нација и малцинство. Советот на општината не е надлежен за такви работи. Немаат право да зборуваат за вакви прашања, се вели во реакцијата на ОМО Илинден Пирин.

За декларацијата, која всушност е противење на тоа да се отвори македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, гласаа 29 советници, а воздржани беа само четворица. ОМО Илинден Пирин вели дека оние кои гласаа ЗА ги погазија правата на илјадници свои граѓани кои се самоопределуваат како Македонци.

– Ова е тажниот плод на 60-годишната асимилација, дискриминација и пропаганда врз Македонците, додаваат од ОМО Илинден Пирин.

Македонските здруженија во Бугарија веќе имаат добиено над 10 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, но властите во Софија не ги почитуваат.

Отворањето на клубот е закажано за 30 октомври. Покани се упатени и до македонскиот и до бугарскиот премиер, одговор досега не добиле.

Б.М.

Слични содржини