Спортскиот директор на Барселона, Деко коментираше за некои од актуелните теми околу тимот. Шпекулациите околу Каталонците се интензивираа во последните неколку недели откако Чави објави дека нема да продолжи на „Камп Ноу“ следната година, што предизвика нов бран шпекулации за негови можни замени и евентуален избор на составот на лето. Во последните денови, различни медиуми во Шпанија тврдеа дека имало разидувања во мислењата меѓу Деко и Жоан Лапорта, бидејќи претседателот претпочита да се обложи на Ханзи Флик, а Деко на помлад ментор.
„Летово нема да имаме сериозни засилувања и новиот тренер мора да биде свесен за овој факт. Потребен ни е ментор кој е свесен што е Барселона, но и ја разбира моменталната ситуација. Рафа Маркез си ја врши работата во резервниот тим и продолжува да се развива, но не е меѓу опциите. Тој продолжува да расте, но може да го преземе првиот тим само во итен случај“, објасни поранешниот играч за врска.
Деко потоа се обиде да фрли повеќе светлина на моменталната ситуација околу тимот, многуте повреди и шпекулациите за различни играчи кои би можеле да пристигнат во Барселона или да заминат.
„Губењето на Гави беше удар. Сега ќе се обидеме да го минимизираме со Андреас Кристенсен во средниот ред. Родри е најблиску до тоа (што е потребно), но Манчестер Сити не би го продале. Кимих е уште еден голем играч, но тој е во Баерн и не би било лесно да се ангажира. Алеиш Гарсија е одличен играч и може да ни биде корисен, но ќе видиме. Да се продадат Френки де Јонг и Роналд Араухо би било грешка“, изјави Португалецот.
За крај спортскиот директор ги коментираше спорните судиски одлуки и досегашниот развој на сезоната. Барселона моментално е трета во поредокот, со шест бода помалку од Жирона и осум зад Реал Мадрид.
„Точно е дека имавме моменти кога не игравме добро или не бевме константни. Не сакам да користам повреди како изговор. Сезоната се уште не е завршена. Ерата на Чави се уште не е завршена. Во моментов му давам 10 за се што направил. Тешка е ситуацијата, неразбирливи се и некои одлуки на судиите, но мора да продолжиме. Нема потреба да се зборува премногу. ВАР исто така не ни помага многу со неговите одлуки, има многу работи за подобрување“, заклучи Деко.