Деко за враќањето на Нејмар во Барселона: „Не можеме да исклучиме евентуален договор“

од Vladimir Zorba
18 прегледи

Се почесто се пишува дека Нејмар ќе го напушти Ал-Хилал откако тренерот Хорхе Жесус потврди дека 32-годишниот бразилски напаѓач нема да биде пријавен за вториот дел од лигашката сезона во Саудиска Арабија. Како можни дестинации за продолжување на кариерата се споменуваат МЛС и враќање во Сантос. Сепак, Барселона не ја исклучува можноста Нејмар повторно да го облече нивниот дрес.

Нејмар ја започна својата кариера како играч на Сантос, а од 2013 до 2017 година играше за Барселона и освои се што можеше да се освои со нив. Во трансфер вреден 222 милиони евра, тој во 2017 година пристигна во Пари Сен Жермен, со кој беше петкратен француски шампион пред лани да биде донесен во Ал-Хилал за 90 милиони евра.

Повредата на лигаментите е причината поради која тој одигра само седум натпревари за клубот од Саудиска Арабија. Тој постигна еден гол. Неговиот договор е до крајот на јуни.

Спортскиот директор на Барселона, Деко, коментирајќи ја ситуацијата, не ја исклучи можноста за негово враќање, но призна дека тоа е работа која не е лесна за извршување.

„Знаеме дека е скап, особено откако замина во Саудиска Арабија, но и во однос на финансискиот фер-плеј. Кога е во најдобра форма, тој е еден од најдобрите во светот. Тој сè уште е и ќе продолжи да биде. Добредојден е во секој клуб“, изјави Деко и додаде:

„Не можеме да исклучиме евентуален договор. Сепак, ми се чини дека тој ќе замине во Бразил. Најважно е тој повторно да игра. На тој начин ќе донесе радост за себе и за другите. Не сум сигурно што ќе направи, но најважно е да биде среќен“.

Слични содржини