„Декретот на Бајден е порака за негаторите и блокаторите кои прават политиканство на нездрави основи“

од Vladimir Zorba
210 прегледи

„Декретот на американскиот претседател Бајден, со кој се најавува дека САД ќе ги става на црна листа сите кои работат против Преспанскиот и Охридскиот договор и работат на дестабилизација на Западен Балкан е порака за еден куп негатори, мрчатори, поткопувачи, блокатори и слично дека ова е пресериозна работа за да може некој да си прави политиканство на нездрави основи“ кажа премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

Премиерот додаде дека Преспанскиот договор, Охридскиот рамковен договор, но и резолуциите за Косово, Дејтонскиот договор за БиХ се договори создадени со помош од пријателите, од САД и напорите кои се направени за тие договори се за обезбедување и гарантирање на добра иднина на Балканот.

„Мораме да се додемократизираме, да ги унапредиме слободата, правата и секако транспарентноста, отчетноста, одговорноста, респонзивноста се што е важно за демократско општество“ кажа премиерот Заев.

Според него, со овој декрет се посочуваат оние кои што се борат против, односно на директен или индиректен начин гледаат да го минираат, да го оспорат сето тоа што претставува извезна и единствена иднина за Западниот Балкан и Северна Македонија.

„Среќен сум што претседателот на најголемиот стратешки партнер на Република Северна Македонија, САД испрати, прво, фокус и внимание кон Западен Балкан, второ, фокус и внимание кон вредностите за кои се залага оваа Влада и трето, испрати порака кон сите поткопувачи на овие демократски вредности“ кажа Заев.