Дексаметазон – „чудесниот лек“ против Ковид 19

од Vladimir Zorba
437 прегледи

Ремедесивир, Хидроксихлорокин, Дексаметазон… Комплицирани имиња на лекови кои одеднаш се сметаат за чудо во пандемијата од коронавирусот.

Во кризата со короната, сè функционира многу слично: една истражувачка институција објавува ветувачки резултати на веб-страница и издава соопштение за печатот. Медиумите веднаш скокаат на тоа, експерти, па дури и претседатели на државите се изјаснија за лекот, а луѓето, порано или подоцна – трк кон аптеките, купуваа и пиеја чудесни препарати.

И едвај после тоа, професијата има можност да ги види резултатите и да ги провери понатаму. Потоа следи разочарување или објаснување за условите под кои лекот навистина функционира. Како и какви несакани ефекти може да предизвика.

Што ни кажува новата студија за Дексаметазон?

Малку податоци познати досега потекнуваат од т.н. „Recovery Trial“ од Велика Британија. Научниците прегледуваат разни веќе одобрени лекови против Ковид 19. Повеќе од 11.500 пациенти од 175 клиники во Велика Британија биле вклучени во студијата.

Во делот на студијата што се однесуваше на Дексаметазон беа опфатени 2.104 пациенти, кои примаа 6 милиграми од тој лек еднаш дневно за десет дена, а како контролна група служеа 4.321 пациенти.

Прелиминарните резултати посочуваат дека Дексаметазонот може да ја намали стапката на морталитет во тешки случаи на Ковид 19. Во споредба со контролната група, смртноста на пациенти кои биле поврзани со респиратори се намали за една третина. Стапка на смртност кај пациенти кои примале кислород, но не морале да бидат поврзани со т.н. „вештачки бели дробови“, падна за петтина. Кај пациенти кои не морале да примаат кислород, терапијата со Дексаметазон не покажала никаков ефект.

Велика Британија веднаш ќе го вклучи Дексаметазон во третманот на пациенти со „Ковид 19“.

Како функционира Дексаметазон?

Кај тешко болни пациенти со Ковид 19 често се јавува прекумерна реакција на имунолошкиот систем. Дексаметазон е вештачки, многу ефикасен кортикостероид, кој има антиинфламаторно и смирувачко дејство на имунолошкиот систем. Ова запира воспалителни процеси и ги потиснува имунитетните реакции.

Дексаметазон е познат пред долго време и го има во многу лекови. Цената е разумна и е достапна ширум светот. Се користи за воспалителни заболувања на кожата (егзема) и зглобови (артритис), мозочен едем предизвикан од тумор на мозокот, како и за спречување на гадење и повраќање за време на хемотерапија.

Како експертите ги оценуваат резултатите?

Фактот дека директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адано Гебрејесус, секако придонесе за еуфоријата на Дексаметазон. „И честитам на Владата на Обединетото Кралство, на Универзитетот во Оксфорд, како и на многуте болници и пациенти во Велика Британија, кои придонесоа за овој научен чекор напред кој спасува животи“.

Но, ниту еден научник досега не беше во можност да даде веродостојни изјави за „новиот чудесен лек“. Лекот, всушност, е познат одамна, но неговиот ефект во третманот на пациенти со Ковид 19 не е истражен досега.

Исто така, овој пат немаше научно објавување за тоа, а резултатите од „Recovery Trial“ не биле стручно оценети од ниту еден експерт досега. Наместо тоа, британските научници ги објавиле првите резултати на веб-страница.

Германските научници се претпазливи, има малку податоци. „Резултатите се вклопуваат во нашата сегашна претстава дека пресилната реакција на имунолошкиот систем игра одлучувачка улога во подоцнежниот тек на болеста“. Резултатите, комплетното објавување на кое треба да чекаме, говорат во корист на употребата на кортизонски препарати за тешки инфекции на Ковид 19“, вели проф. Д-р Герд Феткхојер, директор на Одделот за инфективни болести на Универзитетската болница во Келн.

Професорот Д-р Марија Ј.Г.Т. Ферешилд, директор за заразни болести на Универзитетската клиника на Универзитетот Гете во Франкфурт,има сличен став.

„Кортизонот е класично средство за смирување на имунолошкиот систем. Сепак, јачината на докажаниот ефект е изненадувачка“.

Сепак, професорот Ферешилд потенцира: „Во моментов, оригиналните податоци не се достапни за нас. Конечната декларација за квалитет може да се даде само кога детално се испитани“.

Проф. Д-р Клеменс Вентнер, раководител на заразни болести и тропски заболувања на Клиниката Швабин во Минхен, потенцира дека нема никаква смисла да се земе Дексаметазон како профилакса или за поблаги симптоми на болеста, бидејќи лекува само тешки пациенти кои треба да бидат хоспитализирани.

Како помага студијата во третманот на пациенти со Ковид 19?

Проф. Д-р Клименс Вентнер, како и проф. Д-р Бернд Салцбергер, претседател на германското здружение за заразни болести, и покрај многу прашања, гледа важни индикации во студијата за третман на пациенти со Ковид 19.

„Антивирусни лекови како што е Ремдесивир треба да бидат вклучени во најкраток можен рок за пациенти на кои не им треба респиратори за да го намалат вирусот и да се дава стероиди на пациенти кои се поврзани со респиратори за контрола на тешката болест на белите дробови“, вели Вентнер.

„Ремдесивир го потиснува вирусот, а Дексаметазон сериозните воспаленија“, сумира проф. Д-р Бернд Салцбергер.

Сè на сè, резултатите од Дексаметазон во никој случај не треба да бидат преценети.

„Со оглед на малото, но значително намалување на стапката на смртност со употреба на стероиди, најдобриот лек за контрола на вирусот Ковид 19 останува – вакцина“, резимира Проф. др. Клеменс Вентнер.

Александар Фројнд, ДВ

Слични содржини