Дел од имотот на Мијалков ставен на лицитација – станови во Охрид, плац на Кожув и земјиште

од Nikola Popovski
429 прегледи

Два стана во Охрид, земјиште кај Морани, плац на Кожуф се дел од имотот кој е запленет од поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. По продажбата на акциите, Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас и за продажба на дел од неговиот недвижен имот којшто му беше запленет во случајот „Империја“.

Се продаваат два стана во Охрид, едниот од 46 (+19 помошни простории) метри квадратни со проценета вредност од Бирото за судски вештачења на 5.775.234,38 милиони денари, а другиот од 58 (+ 56 ПП) метри квадратни во истата зграда, проценет на 9.032.505 денари.

Се продава и земјиште од 56.818,07 метри квадратни кај Морани во Општина Студеничани крај Скопје со почетна вредност од 17.045.421 денари.

Се продава и плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 метри квадратни, проценет на 29.686, 97 денари.

Јавното електронско наддавање е закажано за 25 август.

Речиси една година помина откако поранешниот прв разузнавач Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев признаа вина за предметот Империја каде беа обвинети злосторничко здружување и перење пари. Помина една година откако се спогодија, а имотот кој државата им го конфискуваше сѐ уште не е продаден. Законот и дава можност на Владата становите и парцелите на Мијалков да бидат дадени за користење на одредена институција без надомест, но рокот за таква одлука е еден месец по известувањето и тој е истечен.

Според законот, откако Владата ќе донесе одлука за продажба, Агенцијата носи заклучок за условите, начинот и времето на продажбата на становите и парцелите. Продажбата на одземената недвижност се врши со усно јавно наддавање. Усното јавно наддавање за продажба го спроведува комисија формирана од директорот на Агенцијата.

На списокот од 33 имотни листови чија вкупна вредност е 15 милиони евра, а во кои е впишана сопственоста на име на Агенција за конфискација на имот е и шумата во Горно Курилово на Водно од 650 метри квадратни и веднаш до неа градежна парцела од речиси 4 илјади метри квадратни.

Слични содржини